Достапни линкови

Позасилена контрола на границата меѓу Соединетите држави и Мексико


Големиот број илегални имигранти во Соединетите Држави предизвика политички проблеми во таа земја. Некои во Конгресот, повеќето членови на републиканската партија на претседателот Џорџ Буш, бараат депортација на милионите имигранти во Америка. Нивното образложение е дека тие им ја земале работата на американците. Другите пак, меѓу нив и Џорџ Буш, се за поумерени мерки.

Претседателот Џорџ Буш во телевизиското обраќање до нацијата од Белата Куќа го обелодени планот за распоредување на шест илјади агенти за да ја контролираат границата меѓу Соединетите Држави и Мексико од каде што и доаѓа најголемиот бран илегални имигранти. До нивното преземање на должноста таа работа би требало да ја извршуваат шест илјади војници од Националната гарда. Станува збор за воени сили кои се под контрола на гувернерите на сојузните држави. Со околу дванаесет милиони илегални имигранти во земјата, Буш вели дека ваквата цврста акција била неизбежна:

„Со децении Соединетите Држави ја немаат комплетирано контролата на своите граници. Како резултат од тоа многумина кои сакаат да работат кај нас можат да ги минуваат. Милиони од нив и остануваат тука.“

Според Буш, иако гардистите ќе бидат вооружени, нивното присуство нема да значи и милитаризирање на границата. Тој најави дека тие ќе соработуваат со мексиканските власти во спречувањето не само на илегалните минувања, туку и шверцот со дрога. Освен овој предлог на Буш, во Конгресот ќе се разгледуваат и други мерки за решавање на проблемот со имиграцијата во Америка.

„Некои во ова земја заговараат дека решението е во депортацијата на секој илегален имигрант: некои пак, велат дека тие треба да се амнестираат. Јас не се согласувам со ваквите предлози. Тие не се реални.“

Изјави Буш, додавајќи дека се треба да виде во рамките на законите:

„Ние сме земја на закони и мора да ги спроведуваме. Ние исто така сме земја на имигранти и мора да ја одржуваме таа традиција која, на многу начини, ја зацврстува нашата држава.“

Планот на Буш за испраќање гардисти на јужната граница треба да биде одобрен од гувернерите. Некои од нив веќе изјавија дека немаат доволен број луѓе бидејќи служеле во Ирак и во Авганистан. Има и аналитичари кои велат дека ваквиот потег испраќа негативна порака.

„Пораката е дека ние некако сме во војна на нашата јужна граница и оти непријатели ни се луѓето од Мексико. Мислам дека би требало повеќе да се осврнеме врз корените на илегалната имиграција и што можеме да сториме за да се отворат можности во нивните татковини.“

Вели Сара Андресон директор во Институтот за политички науки во Вашингтон. Според неа, проблемот може да биде решен преку превентивна акција. Притоа, таа како пример го спомнува потегот на Европската Унија која во осумдесетите години се прошири со Грција, Ирска, Португалија и Шпанија.
XS
SM
MD
LG