Достапни линкови

Остри реакции на опозицијата


Изборот на една муслиманка за кандидат на претстојните локални избори во Грција предизвика жестоки караници меѓу деничарските и ливичарските политички партии. Првите ја ставаат под прашалник нејзината верност кон државата и вторите пак, оценуваат дека станува збор за историски чекор во земјата.

Ѓул Кара Хасан е припадничка на помаците, поим што во Грција се користи за славјани муслимани и таа е избрана од лидерот на Социјалистичката партија Јоргос Папандреу да учествува во трката за префект во североисточна Грција каде што живеат многумина муслимани од турско или словенско потекло. Во мнозинската православна Грција, нејзината кандидатура, прва воопшто на една муслиманка за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава, предизвика остра реакција од владејачките конзервативци како и од моќната Православна црква. Во минатото имаше муслимани во грчкиот парламент, но, дваесет и седумгодишната адвокатка Ѓул Кара Хасан, доколку победи, ќе раководи со голем дел од Северна Грција. Тоа, како што оценуваат експертите, е позначајна улога отколку да бидеш пратеник во парламентот. ,,Ако победи, не знам дали таа ќе стои до мене на парадата по повод Дваесет и петти март,, вели Јоргос Каланѕис, министер за северните региони кои се нарекуваат Македонија и Тракија. Тој всушност мисли на Грчкиот национален празник, односно на востанието во илјада осумстотини дваесет и првата година со кое Грција се ослободи од петвековното османлиско ропство. Грција и Турција долго време се расправаат околу, како што во Атина ја нарекуваат, муслиманската заедница која пак, за Анкара е турско малцинство во Грција. Иако Ѓул Кара Хасан е помак, припадничка на етничките словени кои пред многу векови го прифатија исламот, таа живее заедно со околу сто и дваесете илјади турски муслимани во Тракија. Нејзиниот избор уште еднаш ги потенцира кршливите односи меѓу мнозинските православни грци и муслиманите кои до пред неколку години целосно беа исклучени од општествениот живот во Грција. Некои конзервативни политичари и црковни лидери побараа од неа да се изјасни која е нејзината татковина. ,,Ние не сме исти со оние што имаат друга вера,, вели владиката Антимос. Од друга страна. Ѓул Кара Хасан вели дека нема намера да се повлече и оти ќе работи за доброто на регионот. ,,Луѓето не би требало да бидат етикетирани, туку да бидат ценети според нивната работа,, вели таа. Со нејзиниот избор, социјалистите се надеваат дека ќе ги придобијат гласовите на муслиманите и ќе ги потикнат муслиманките повеќе да учествуваат во политичкиот живот на земјата. ,,Станува збор за пресвртен чекор кој заслужува целосна поддршка,, смета пратеничката од социјалситичката партија и поранешен еврокомесар Ана Дијамантопулу.
XS
SM
MD
LG