Достапни линкови

logo-print

Стечајците незадоволни, експертите бараат поголеми анализи


Парламентот денеска го изгласа Законот за поттикнување на вработувањето што го предлага Владата, но стечајците повторно ќе организираат протести и ќе прават притисоци, зашто состојбата нема да се промени. Претседателот на здружението на стечајците, Стојан Стојанов вели дека новиот закон е сличен со таканаречениот Бранков закон, кој не им помогна на стечајците.

„Тој закон што го донесе владата, ќе вршиме притисок врз претседателот да не го потпише. Ист закон беше неговиот и парите отидоа. Речиси 99 насто е истиот закон.“

Ставот на стечајците е дека нема да има работодавачи кои ќе вработуваат стечајци и покрај олеснувањата што им ги овозможува новиот закон.

„Кој е тој, дали влада или тој, на некој газда да му нареди, за 3,000 денари да му исплати за 60 дена, да прими некој од 54 години нагоре до 64 години. Како не е размислено воопшто тоа? Кои луѓе тие ќе ги примат?“

Дел од експертската јавност коментира-законот што го бараат стечајците е противуставен оти фаворизира определена група луѓе. Генерален проблем во Македонија е што ваквиот тип закони набрзина се донесуваат пред изборите.

„Сметам дека вакви стимулации се предмет на поголеми анализи и поголеми подготовки и пресметки за да се види какви ќе бидат финалните ефекти,“

објаснува Мишо Николов од центарот за економски анализи.

Стечајците велат дека наредната недела треба да се сретнат со премиерот, и доколку не се изнајде соодветно решение до 25ти мај, ќе протестираат во Скопје се додека не се направи нешто во нивна корист.
XS
SM
MD
LG