Достапни линкови

Владата најавува дека утре ќе биде потпишан меморандум за соработка


По одлуката да градат фабрика за електронска опрема за автомобили во економската зона Бунарџик, преставниците на американскиот гигант Џонсон Контролс утре доаѓаат во Скопје. Премиерот Владо Бучковски утринава на консулатации пред утрешната средба ги викна министрите за финасии Никола Поповски, за економија Фатмир Бесими, за транспорт и врски Џемаил Мехази и вицепремиерот Минчо Јорданов. На состанокот е формирана работна група која треба да ги усогласи барањата на Џонсон Контролс и Владата, изјави Бесими:

„Проектот сам по себе ќе зафати 100-тина вработени и ќе се реализира во три фази. На вчерашната седница на Владата се разгледуваше информацијата во врска со потребните инвестициони вложувања во слободната царинска зона Бунарџик и што се однесува до овој проект односно до Џонсон Контролс е тоа дека има временска динамика, во рок до септември да се реализираат сите потребни активности и тоа незафаќа голема инвестиција бидејќи тој дел е веќе изграден.“

За оваа инвестиција на Џонсон контролс Македонија беше во тесна трка со Полска. Еден од проблемите кој се појавија во преговорите беше и квалификуваната работна сила. Министерот Бесими вели дека во предвид е земена и прекфалификација на работниците:

„Нормално за таквите можности ние сме ги информирале и тие ќе бидат составен дел на утрешниот документ кој ќе се подготви и потоа ќе биде официјално потпишан меѓу Владата и Џонсон Контролс.“

За тоа пак за кој барања на америкаците преговарачкиот тим на Владата нема да попушти Бесими вели дека ќе се знаат по утрешната средба заедно со другите детали од договорот.
Според вчерашните изјави во медиумите на главната врска меѓу Џонсон Контролс и Владата, бизнисменот Ристо Гуштеров стартот на работата на фабриката би требало да се очекува на 1ноември идната година. Најави за вакви крупни инвестиции од познати светски имиња имаше од германскиот Сименс и од холандската банка ИНГ. Со првите премиерот Бучковски потпиша и меморандум за соработка, а банкарите по неколкумесечните преговори за влез во Поштенска банка се откажаа.
XS
SM
MD
LG