Достапни линкови

САД сметаат дека нема нови предлози за решавање на кризата, во писмото од Ахмадинеџад до Буш


Министрите за надворешни работи на големите светски сили на состанокот во Њујорк не успеале да постигнат договор за заедничката стратегија во решавањето на иранската нуклеарна криза. Како и претходно, Русија и Кина се противат на санкции против Иран доколку не го прекине процесот за збогатување ураниум.

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс им беше домаќин на нејзините колеги од Русија, Кина, Франција, Британија, Германија и Европската Унија. Состанокот, како што јавуваат агенциите, траел неколку часа, но дипломатите не постигнале согласност за заедничка резолуција која би му ја предложиле на Советот за безбедност на Обединетите Нации за решавање на проблемот со иранската нуклеарна програма. Русија и Кина поддржуваат усвојување таква резолуција, само доколку во неа не биде спомнато поглавието Седум од Повелбата на Светската организација. На ова поглавие инсистираат преостаните земји, бидејќи тоа предвидува санкции, па дури и употреба на воена акција против Иран.

„Иранците можат да имаат цивилна нуклеарна програма, но тоа треба да го прават само доколку на меѓународната заедници и понудат докази дека преку таа програма не се обидуваат да дојдат до нуклеарно оружје.“

Изјави Кондолиза Рајс. Состанокот во Њујорк беше одржан откако официјален Вашингтон потврди дека американскиот претседател Џорџ Буш примил писмо од иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад. Портпаролот на иранската влада Голан Хосеин Елам изјави дека во писмото имало нови предлози за решавање на нуклеарниот спор.

„Во писмото Ахмадинеџад ја анализира моменталната ситуација во светот и ги наведува изворите на сегашните проблеми и новите начини за нивно решавање.“

Белата Куќа соопшти дека во писмото немало никаква нова понуда од Техеран со која би се намалиле меѓународните страхувања од иранската нуклеарна програма.

„Ако се земе предвид фактот дека прашањето за Ирак сега е пред Обединетите Нации, сигурно една од претпоставките би била дека писмото е поврзано со обидот на некаков начин да се влијае врз дебатата во Советот за безбедност.“

Изјави шефот на американските разузнавачки служби Џон Негропонте. Инаку, по синоќешниот состанок во Њујорк шефовите на кинеската и на руската дипломатија Ли Џаоџинг и Сергеј Лавров побараа од Иран да соработува со Обединетите Нации со цел да се создадат услови за нови разговори меѓу двете страни.
XS
SM
MD
LG