Достапни линкови

Прашањето со границата е техничко и не е политички проблем


Прашањето со границата не е политички проблем туку само техничко прашање, и тоа е единствениот начин на кој ова прашање треба да биде третирано, изјавија по средбата во Скопје македонскиот и косовскиот премиер Владо Бучковски и Агим Чеку. Македонскиот премиер Бучковски од своја страна додаде дека разграничувањето ќе биде дел од решавањето на евентуалниот финаленен статус на Косово, а косовскиот премиер потенцираше дека Косово нема претензии кон ниту една соседна држава.

„Со поддршката што ќе ги имаат техничките тимови од двете страни ќе се одвиваат техничките подготовки за оваа работа да се заврши во складот со она што претходно го договоривме, разграничувањето да биде дел од решавањето на евентуалниот финален статус на Косово.“

„Декларацијата е јасна и мислам дека станува збор за техничко прашање, ние не сме за променливост на границите, ние и натаму сме за непроменливост на границите,“


изјавија Бучковски и Чеку.

Македонскиот премиер појасни дека по серијата изјави од двете страни, во кој инаку главен спор беше дали демаркацијата да биде пред или по решавањето на косовскиот финален статус, за македонската влада е прифатлива Декларацијата што вчера ја усвои косовска Влада, а Бучковски потенцираше дека од неговите средби не само со актуелниот премиер Чеку туку и со останатите косовски политичари во ниту еден момент никој не ја оспорил административната граница. Тој појасни дека по прашањето на границата останува технички експерти од двете страни со подршка на Соединетите држави да работат на разграничувањето.

„Нашите експерти подолго време тоа го прават во поддршка со нашите американски пријатели, со неколку картографи експерти за оваа област, а тоа е да потврдат дека административната граница од поранешна СФРЈ е границата што ќе ја одбележуваме во моментот кога ќе се создадат сите предуслови од другата страна да имаме партнер со целосен меѓународен кредибилитет.“

изјави Бучковски.

Двајцата премиери истакнаа дека прашањето за границата е единственото отворено прашање меѓу Косово и Македонија, потенцирајќи дека соработката во останатите сегметни, посебно во економскиот се одвива одлично.

„Македонија не може да се пофали со многу држави со кои во економската размена има суфицит, да стане не само политички, како што вели господин Чеку, туку и економски стратешки партнер на Косово.“

А за начините за продолжување но и подобрување на економската соработка меѓу Македонија и Косово, денеска во Стопанската Комора во Скопје се одржува и македонско косовски бизнис форум на кој разговараат македонските и косовските бизнисмени. Косовскиот премиер Агим Чеку е првиот премиер што беше официјално примен во македонската Влада.
XS
SM
MD
LG