Достапни линкови

Средба на американскиот потпретседател Чејни со премиерите на Македонија, Албанија и Хрватска


Приближувањето на трите земји од Јадранската повлеба кон НАТО ќе биде тема на утрешната средба во Дубровник на американскиот потпретседател Дик Чејни со премиерите на Македонија, Албанија и Хрватска. Со овие разговори, Чејни ја завршува неколкудневната турнеја за време на која ги посети Литванија и Казахстан.

Силно обезбедување е распоредено во Дубровник поради престојот на американскиот потпретседател Дик Чејни кој утре таму ќе се сретне со три балкански земји, аспиранти за НАТО, јавуваат агенциите. Премиерите на Македонија, Албанија и Хрватска, Владо Бучковски, Сали Бериша и Иво Санадер, како што се додава, ќе го запознаат потпретседателот Дик Чејни за оствареното и планираното во процесот на интегрирањето на нивните земји во Алијансата. Во две илјади и третата година овие три земји и Соединетите Држави ја потпишаа таканаречената Јадранска повелба. Целта на групата е олеснување на нивните напори да станат членки на НАТО. Надежите се дека трите земји тоа ќе го остварат до две илјади и осмата година.

„Патот за натаму е јасен, продолжување на демократските и економските реформи, владеење на правото, борба против корупцијата, одговорни институции и доследна безбедносна политика. Тие се клучни за напредокот и секоја земја која ќе го следи ваквиот курс ќе се најде на вистинскиот пат.“

Е пораката на американскиот потпретседател Дик Чејни кој деновиве во Литванија учествуваше на самитот на земјите од балтичкиот, црноморскиот и кавкаскиот регион, а го посети и Казахстан. На состанокот во Вилнус Чејни ја изнервира Москва со обвинувањата дека руската влада ги прекршува политичките, граѓанските и верските права. Чејни исто така го критикуваше Кремљ дека нафтата ја користи како средство за уцена. Ваквите негови изјави Москва ги окфалификува за целосно несфатливи. Дневниот весник Комерсант оцени дека изјавите на Чејни можат да се споредат со говорот за Железната завеса на британскиот премиер Винстон Черчил во илјада деветстотини четириесет и шестата година.

„Јас ја изразив загриженоста што ја слушнав, а која ми беше повторена од многумина со кои се сретнав во Вилнус. Тоа е дека Русија ја користи контролата врз енергетските извори за да постигне политичко влијание врз владите кои беа присутни на состанокот во Вилнус.“

Ги објасни своите забелешки потпретседателот Чејни на прес конференцијата во Астана по средбата со претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев кој во врска со критиките на Чејни изјави:
„Мислам дека не постојат, како што ги нарекувате, конфронтации меѓу Русија и Соединетите Држави. Тоа повеќе личи на пријателска размена на мислења. Секоја независна земја води своја политика во решавањето на нејзините проблеми. И секој би требало да научи да ја почитува таквата политика. Исто така секој има право да си го искаже своето мислење. Ако е тоа врз пријателска база, тогаш е корисно.“

Изјави претседателот Назарбаев по средбата со американскиот потпретседател Чејни.
XS
SM
MD
LG