Достапни линкови

logo-print

Белград не го испочитува рокот за апсење на Ратко Младиќ


Европската Унија денеска би требало да ги суспендира разговорите за придружување со Србија и Црна Гора. Се очекува еврокомесарот за проширување Оли Рен да го соопшти тоа по денешната средба со главниот обвинител на Хашкиот трибунал Карла Дел Понте. Белград не успеа да го испочитува рокот за апсење на бившиот генерал Ратко Младиќ, крајот на април.

Српскиот генерал Ратко Младиќ е еден од најбараните од Хашкиот трибунал за воени злосторства. Тој, меѓу другото, е обвинет за масакрот во Сребреница во кој пред скоро единаесет години, биле убиени околу осум илјади муслимани. Неговото апсење и предавање на Трибуналот, беше главен услов за продолжување на разговорите за зацврстување на соработката меѓу Белград и Брисел. Овие разговори за постигнување спогодба за стабилизација и асоцијација почнаа во октомври минатата година.

„Сегашните факти се доволно јасни. Не го гледаме Ратко Младиќ во Хаг и, според нас, нема целосна соработка со Трибуналот. Тоа значи дека ние немаме друга опција од откажување на разговорите со Србија.“

Изјави еврокомесарот за проширување Оли Рен, додавајќи дека е време Белград да ја одбере европската иднина:

„Ова е време за Србија да се ослободи од минатото и, се надевам дека Србија сега ја избира европската иднина и го остава зад себе националистичкото минато. Сега е златната можност за тоа.“

Смета еврокомесарот Рен кој е убеден дека станува збор само за одложување на преговорите за стабилизација и асоцијација:

„Овие преговори можат да бидат продолжени веднаш откако ќе видиме дека постои целосна соработка. Тоа дури можеме да го сториме во ист ден.“

Вели Оли Рен. Потпретседателот на српската влада Мирољуб Лабус, кој инаку, е шеф на на белградскиот тим на преговорите со Европската Унија пак, изразува жалење поради ваквиот развој на настаните:

„Ние сме многу блиску до завршување на нашите преговори. За жал постојат извесни политички услови. Условот за целосна соработка со Хашкиот трибунал не и исполнет и не само следната, туку и сите други натамошни рунди од преговорите ќе бидат отповикани.“

Оцени српскиот вицепремиер Мирољуб Лабус кој, како што вели, сега само чудо може да и помогне на Србија во врска со продолжувањето на преговорите за стабилизација и асоцијација со Унијата.
XS
SM
MD
LG