Достапни линкови

Решавањето на демаркацијата на границата со Македонија паралелно со прашањето за статусот на Косово


Прашањето за демаркацијата на границата треба да биде решавано паралелно со прашањето за политичкиот статус на Косово. Ова е ставот на претседателот на опозиционата Демократска партија на Косово Хашим Тачи во врска со демаракацијата на границата кон Македонија. Тачи во интервју за Радио Слободна Европа оценува дека актуелната влада во последно време го доведе под прашалник официјализирањето на независноста на Косово.

Претседателот на Демократската партија Хашим Тачи вели дека Косово ќе биде независно и оти меѓународната заедница ќе ја донесе оваа одлука во текот на претстојната есен.

„Косово беше подготвено за решавање на конечниот статус и порано. Реалноста создадена во јуни деведесет и деветата година непотребно се одолговлекува. Меѓутоа овие седум години вложивме многу на развојот на демократијата. Затоа јас сум голем оптимист дека оваа есен ќе биде времето кога меѓународната заедница под раководство на Соединетите Држави и Контакт групата ќе донесе одлука за независно и суверено Косово.“

Вели Хашим Тачи кој ја критикува владата за низата пропусти во остварувањето на стандардите на Косово.

„Актуелната влада со лошто управување го доведе во опасност официјализирањето на независноста, ги доведе во опасност седумгодишните инвестиции на политичкиот спектар и на грашаните на Косово за создавањето демократско општество. Меѓутоа, јас сум оптимист и верувам дека меѓународната заедница ќе го оцени остварувањето на стандардите во најдобра, најреална и најпозитивна смисла.“

Според претседателот на опозиционата Демократска партија Хашим Тачи актуелната влада е една од, како што вели најслабите влади во политичката историја на Косово.

„Демократската партија на Косово му понуди доволно аргументи на УНМИК за вмешаноста на владиниот кабинет во корупција и организиран криминал. Тие аргументи се верификувани но не се отиде понатаму заради политичкиот и социјалниот мир. Оваа влада создава негативен, лош имиџ за демократско и независно Косово.“

Во врска со повторното актуелизирање на проблемот со границата кон Македонија, Хашим Тачи вели:

„Целокупниот политички спектар има обврска да ја почитува резолуцијата на Собранието на Косово за ова прашање, додека прашањето за демаркацијата на границата треба да биде решавано паралелно со прашањето на политичкиот статус на Косово.“

Оценува претседателот на опозиционата Демократска партија на Косово Хашим Тачи во интервју за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG