Достапни линкови

Потребни се реформи не само во одбраната, туку и во други сегменти, потенцираат експертите


Успешното спроведување на реформите во одбраната, иако се оценуваат како добри, не се доволни за членството на Македонија во НАТО. Државава мора да свати дека за интеграција во НАТО, освен на реформи во одбраната, треба да се концентрира и да покаже успех и во останатите сегменти во државава, потенцира професорот од Институтот за одбрамбени и мировни студии Биљана Ванковска:

„НАТО многу експлицитно ни укажува дека на тој план сме добри и дека постигнуваме добри резултати. Меѓутоа изостануваат најмалку две или три дополнителни критериуми како што се јакнење на економската состојба на државата, затоа што членството во НАТО носи и обврски кои ќе треба да бидат и економски поткрепени, потоа борбата против корупцијата и организираниот криминал, потоа и некои политички реформи како што се претстојните избори, а исто така е значајна и реформата во полицијата.“

Вели Ванковска, која додава дека само со успешното спроведување на овие реформи Македонија ќе се наметне како сериозен партнер за членство во НАТО во рамки на групата земји од Јадранската повелба, во која членуваат и Албанија и Хрватска:

„Да ги одработевме тие работи ќе имавме малку посериозна позиција во која дури не ќе моравме да лобираме самите, туку ќе беше забележано од оние што не евалуираат дека навистина правиме исчекори и во таа смисла ќе се наметневме како некој што е рамо до рамо со Хрватска, пред останатите држави кои се во слична фаза.,,

Во насока на НАТО реформите, Министерството за одбрана продолжува со трансформацијата на Армијата. Во 2005-та година беа трансформирани 60% од единиците и командите на АРМ, за годинава е најавено заокружување на процесот за уште 30%. Со тоа до 2007 година треба да заврши комплетното професионализирање на војската. Во оваа насока веќе е започнато со пензионирањето на випокот вработени во Армијата.

„Активниот состав треба да биде точно 8 700, туку вклучува офицери, подофицери, цивилни лица и професионални војници.“

Потенцира Биљана Аврамовска портпарол на Министерството за одбрана.
XS
SM
MD
LG