Достапни линкови

logo-print

Заострување на кампањата и речникот на двете страни


Во Црна Гора како што се приближува денот на референдумот за независност така се заострува кампањата и речникот на оние кои се двете страни на изјаснувањето. Деновиве на еден собир на унистичкиот блок, пратеникот на Демократската српска партија Миладин Јоксимовиќ им порача на приврзаниците да не влегуваат во кумства или пак да им одат на свадби и погреби на оние за кои се сомневаат дека нема да излезат на референдумот.

Пратеникот Миладин Јоксимовиќ на собирот во Андриевица повика на истребување на оние што им се продале на оние што сакаат суверена Црна Гора

„И ќе им оставиме аманет на нашите поколенија да не се женат со нив, а не кумуваат со нив да не им одат на погреби и слави бидејќи тоа семе треба да го истребиме. И затоа на Дваесет и први мај да излеземе за заедничка држава Србија и Црна Гора.“

Јоксимовиќ потоа во разговор со дописникот на Радио Слободна Европа својот говор полн со клетва го објасни со тоа што тие луѓе немаат чест:

„Оној што држи до честа, образот и почитувањето, тој ќе излезе. Свети Петар Цетински со клетви во Црна Гора ја искорени крвната одмазда. Некои луѓе додека не ги проколнеш не можат да се опаметат.“

изјави Јоксимовиќ. Во неговиот блок за зачувување на државната заедница за ваквите пораки велат дека се еден вид осуда на она што е штетно за заедницата.

„Тоа е во домен на личната изјава, на жарот на политичката борба, промоцијата, личниот стил. Тоа е напросто, меѓу другото, модел на една традиционална осуда на она што нанесува голема штета и неподнослива болка на колективот. Клетвите ги користеа и Негош и Свети Петар Цетински.“

Вели Зорица Тањиќ. Во спротивниот, суверенистички блок пак имаат неподелено мислење дека ваквите пораки претставуваат болни навреди:

„Блокот што се бори против Црна Гора, свесен дека го губи референдумскиот натпревар, конечно го покажа своето вистинско лице. Бруталните навреди и клетви се нивен начин за пресметка со граѓаните на Црна Гора. “

Оценува портпаролот на Демократската партија на социјалистите Предраг Секулиќ. Според експертот во Центарот за човекови права Александар Зековиќ, пораките за истребување на оние што нема да излезат на рефередумот се директно кршење на правото на индивидуална определба.

„Тоа што можеме да го очекуваме како што кампањата ќе напредува, е дека сигурно ќе има уште посериозни изјави. Изјавата ја оценувам како удар врз концептот на индивидуланите права и слободи.“

Вели Зековиќ од Центарот за човекови права во Црна Гора.
XS
SM
MD
LG