Достапни линкови

Каква е економската оправданост?


Владата мора да ги објасни своите намери, односно процесот да го води транспарентно и да објасни за што ќе ги потроши парите, пред да ги продаде своите акции во една од најпрофитабилните фирми во државава Македониски телекомуникации, укажува професорот Душан Вељковиќ коментирајќи ја најавата на Владата дека има намера да се ослободи од својот пакет акции во Телекомот, кој изнесува 47%:

„И тоа без дури да се каже за кои цели би се употребиле тие средства. Тоа што не се кажува, значи дека однапред се има намера, тие непродуктивно да се потрошат за ,,затнување,, на некои буџетски или други дупки.“

Потенцира професор Вељковиќ кој додава дека од овие причини не гледа економска оправданост во ваквата одлука на Владата и според него нејзината нетранспарентност фрла сенка на целиот процес, посебно во периодот на предизборието:

„Само крајно арогатни влади кои неводат сметка за елементарните цивилизациски норми, на месец или два пред избори влегуваат во такви аранжмани, односно вршат продажба на било што. Нормални влади кои размислуваат за своја одговорност, прекинуваат со донесување на формални одлуки кои можат да имаат одредени материјални последици.“

За еден друг момент, говори аналитичарот Борко Ханџиски. Тој како една од причините што влијаела врз одлуката на Владата за продажбата на акциите ја гледа најавената либерализација на фискалната телефонија. Но, во услови кога овој процес сеуште не е јасен, вели Ханџиски тоа ќе го отежни утврдувањето на цената на акциите. Зборувајќи пак, за тоа како одлуката на државата да се ослободи од дел од својата сопственост во Телекомот ќе се одрази врз граѓаните, аналитичарот Ханџиски вели:

„Доколку инвеститорите што ќе ги купат акциите, се нови инвеститори односно не е сегашниот сопственик Матав, тогаш не би требало тоа да се одрази врз граѓаните, меѓутоа доколку Матав ги купи акциите тоа би ја зајакнало нивната монополска позиција.“

Владата според договорот на берза ќе може да ги понуди своите акции во неколку пакети од по 10% до целосната продажба на својот удел во Телекомот.
XS
SM
MD
LG