Достапни линкови

Лошиот амбиент и високиот ризик, според експертите се главна пречка


Џонсон контролс, Сименс, успешната холандска банка ИНГ, ова беа дел од најавите на Владата како странски инвеститори заинтересирани да влезат на македонскиот пазар. Иако во декември беше најавена конечната одлука на Џонсон Контролс која се двоумеше меѓу Македонија и Полска, тоа не се случи, и покрај најавите резултати нема ниту од најавата за влез на Сименс. Не само во производствената дејност, странските инвеститори не покажаа интерес ниту за влез во банкарскиот сектор. Имено деновиве, неатрактивност во македонскиот пазар препозна и шестата по големина банка во светот, ИНГ која се повлече од своите намери за купување на Поштенска банка. Зошто не се реализираа овие ветувања? Во Владината агенција за странски инвестиции, која беше формирана токму за привлекување, како и за промоција на македонскиот пазар пред меѓународните светски компании, не се чувствуваат повикани да одговорат на ова прашање. Преку статистички податоци од владините институции за обемот на странски инвестиции говорат во Министерството за економија:

„Во периодот од осамостојувањето па до денес, вкупниот прилив на странски инвестиции во Македонија изнесува 1,32 милијарди долари. Странските инвестиции во најголем дел се поврзани со приватизацијата која веќе завршува Значи една генерална оценка за странските директни инвестиции во Македонија, е дека најголем дел од нив се реализирани преку процесот на приватизација, а многу мал број се гринфилд инвестиции.“

Изјавува Маја Ќурчиева раководител на секторот за странски инвестиции во Министерството за економија.
За болката на македонската економија и неатрактивноста на македонскиот пазар зборуваат економските експерти. Димитар Богов од Центарот за економски анализи објаснува:

„Треба да им се понуди на инвеститорите нешто со што би се компензирал тој висок ризик. Прво што Македонија треба да го направи е да го подобри амбиентот, што значи предвидлива регулатива, отстранување на бирократски пречки, отстранување на сите оние „тесни грла“ во администрацијата.“

Со сите овие проблеми со кои се соочува македонскиот пазар, вели Богов, не помага ниту кандидатскиот статус на земјава за членство во Европската Унија, и покрај надежите на Владата дека тоа ќе го подобри економскиот рејтинг на земјава.

„Многу поважно е колку се реални шансите за брзо пристапување кон ЕУ, но очигледно на сите им е јасно колку е далеку Македонија од пристапувањето во Европската Унија.“

Потенцира Богов.
XS
SM
MD
LG