Достапни линкови

logo-print

ОН бараат Хамас да се дистанцира од евентуални напади


Израелски авиони денеска извршиле напад врз една зграда во Газа каде што, според израелската армија, палестинците подготвувале бомби за напади врз Израел. До ова дојде откако во вчерашниот палестински самоубиствен напад во Тел Авив загинаа најмалку деветмина израелци. Генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан побара од палестинската влада предводена од Хамас да се дистанцира од ваквите напади.

Претходно Хамас соопшти дека самоубиствените напади биле легитимен одговор на, како што е наведено, израелската агресија:

„На нашиот палестински народ му го гарантираме правото на одбрана. Ваквата операција е природна реакција на ционистичкото злосторство против палестинците.“

соопшти портпаролот на Хамас Сами Абу Зури во Газа. Инаку, одговорноста за самоубиствениот бомбашки напад во Тел Авив ја презеде милитантната група Исламски Џихад:

„Да, ние ја преземаме целосната одговрност за ваквата херојска операција во Тел Авив. Му порачуваме на нашиот непријател дека никогаш нема да биде безбеден на палестинска територија, се додека не бидат задоволени барањата на палестинците.“

Изјави едно маскирано лице во Газа, идентификувајќи се како член на Исламски Џихад. Но, од кабинетот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, ваквиот напад беше оценет како штетен за палестинските интереси:

„Од името на Махмуд Абас, Абу Мазен го осудуваме овој напад како што ги осудуваме сите напади кои за цел имаат цивили без оглед дали се палестинци или израелци.“

Изјави палестинскиот пратеник Саеб Ерекат. Ден пред вчерашниот инцидент во Тел Авив официјален Техеран соопшти дека ќе и помогне на владата на Хамас на која и се заканува банкрот поради тоа што западните сили одбиваат финансиски да ја поддржат, бидејќи во Хамас гледаат како на терористичка организација:

„Почестен сум да соопштам дека Иран донираше пеесет милиони долари за да му помогне на палестинскиот народ.“

Рече шефот на иранската дипломатија Манучер Мотаки. Ваквиот чекор беше поздравен од Хамас. Експертите сметаат дека Иран, поради одлуката на Запад да го изолира Хамас, го зголемува своето влијание во регионот:

„Ова е последица. Вие го туркате Хамас во рацете на иранците. Цената гледано долгорочно ќе биде огромна. Иранците сега практично имаат некакво влијание врз Хамас.“

Вели Мустафа Алани, аналитичар од Центарот за регионални истражувања во Дубаи, додавајќи дека на најновиот ирански чекор не може да се гледа како на исламска солидарност.

„Хамас е сунитско фундаменталистичко движење. Иран е шиитска фунданменталистичка држава. Затоа мислам дека тука повеќе станува збор за иранска стратегија, отколку за верска солидарност.“

Наведува Алани кој смета дека иранското влијание не е добра вест ни за Западот, ни за арапските земји во регионот.
XS
SM
MD
LG