Достапни линкови

Која е целта на нивното постоење?


Забрзаниот интензитет на формирање на помали партии на македонската политичка сцена ги збуни граѓаните. Нивните мислења се поделени, од такви кои мислат дека потребно е да се внесе промени и нешто ново во системот, до оние на кои искуството ги научило да не веруваат на ниту една политичка партија:

„Знаете како е многу умови, со многу капи... Повеќе партии нам ни сметаат.“

„Може и повеќе да бидат, па немора се едни исти да бидат.“

„Може да се каже дека се пореални, само не треба да ветуваат, туку да исполнуваат.“

„Не верувам на никого, зошто лажат сите, само чекаат да дојдат на власт, а после не прават ништо.“


Која е улогата и целта на помалите партии во земјава ги прашавме претставниците на некои од нив. За Лилјана Поповска, председател на Демократската обнова за Македонија, целта на постоењето на една партија е да ја оствари својата мисија:

„Она што е проблем во Македонија, е всушност откажување од својата платформа, откажување од своите идеали и измама на гласачите. Тоа се случуваше особено кога партиите ќе влезеа во коалиција и особено ако се влезеше во некоја поголема власт. Оттаму и тоа мислење и проблематизирање на одредени партии, што владее кај нас.“

Според председателот на Демократско-републиканската Унија на Македонија, Горан Рафајловски, помалите политички партии претставуваат освежување во политичкиот простор и водат кон демократизација на општеството:

„Ќе помогнат да се разбуди народот, од онаа летаргија која ја стимулираат поголемите политички партии, односно нивната незаинтересераност за активно учество во политиката.“

Во обид да ја подобри состојбата на земјоделците, своја партија формираше и бизнисменот Велија Рамковски. Неговото објаснување е дека Партијата за економска обнова ја формирал за работите да тргнат на подобро:

„Домаќинлукот на една куќа се гледа по дворот, еден добар куќен совет и околу зградата е добро. Дворот на државата е земјоделието, што е потполно напуштено и за тие што работат, а една третина е необработливо.“

Од помалку бројните партии велат дека на Македонија и треба трета опција во политиката, а според нив, големиот број на неопределени граѓани во политичките анкети, јасно покажуваат дека тие не се приврзаници ниту на левата, ниту на десната опција.
XS
SM
MD
LG