Достапни линкови

logo-print

Обид за убедување на иранските власти да го прекинат процесот за збогатување на ураниумот


Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеи престојува во Техеран за да ги убеди иранските власти да го прекинат процесот за збогатување на ураниумот. Неговата посета доаѓа откако светските сили изразија загриженост поради објавата на Иран дека успешно збогатил ураниум, процес со кој може да се произведе гориво за нуклеарна централа, но и за атомска бомба.

По пристигнувањето во Техеран шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мухамед Ел Барадеи изрази уверување дека е вистинско време за враќање на преговорите за политичко решение на спорот меѓу меѓународната заедница и Иран.

,,Ќе разговарам како можеме да го вратиме Иран на линија со барањето на меѓународната заедница таа земја да преземе мерки за воспоставување доверба, вклучувајќи и прекин на збогатувањето на ураниум се додека не биде разјаснето прашањето на иранската нуклеарна програма.,,

Ел Барадеи требаше до крајот на месецот да поднесе извештај до Советот за тоа дали Иран ги почитува меѓународните обврски, како што е ултиматумот на Советот за безбедност на Обединетите Нации до дваесет и осми овој месец да ги прекине сите нуклеарни активности. Наспроти тоа, Техеран во вторникот информираше дека пристапил кон процесот на збогатување ураниум. Тоа предизвика реакции во светот со барање Иран веднаш да го прекине ваквиот процес. Но, иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад ги отфрли барањата и оцени дека Иран сега претставува нуклеарна сила. ,,Ситуацијата се промени. Ние од сега со другите земји ќе разговараме од позиции на нуклеарна сила,, изјавил Ахмадинеџад. Петте постојани членки на Советот за безбедност, за почетокот на идната недела најавија консултации во Москва за ова прашање. Нивниот заеднички став е дека Иран се движи во погрешен правец. Сепак, меѓу нив постојат и различни гледања за тоа како да се реши проблемот.

,,Мислам дека Советот за безбедност треба да го има предвид ваквиот потег на Иран и оти е време за силни чекори за да го зачуваме кредибилитетот на меѓународната заедница за ова прашање.,,

Изјави американскиот државен секретар Кондолиза Рајс која смета дека е потребна натамошна изолација на Иран. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров пак, побара да не се брза со осудите на последниот ирански потег.

,,Би советувал да не се преувеличува ова, бидејќи Иран никогаш не декларираше дека сака да има нуклеарно оружје. Напротив, постојано вели дека нема такви планови и оти има намера да развие нуклеарна енергија за мирољубиви цели.,,

Изјави Лавров, додавајќи дека е против употреба на сила за решавање на проблемот. И ставот на Кина е дека се треба да остане во рамките на Меѓународната агенција за атомска енергија. Со цел да се намалат растечките тензии Пекинг најави дека деновиве ќе испрати свој претставник во Иран и во Русија.
XS
SM
MD
LG