Достапни линкови

Аналитичарите предвидуваат враќање на политичката нестабилност


Официјалните резултатите од општите избори во Италија покажуваат дека коалицијата на левицата и центарот предводена од Романо Проди однесе тесна победа над коалицијата на десниот центар на премиерот Силвио Берлускони. Но, Берлускони не го признава поразот и бара пребројување на гласовите за Долниот дом на парламентот каде што неговата коалиција загуби за една десетина од процентен поен. Некои аналитичари предвидуваат враќање на политичката нестабилност која владееше во Италија до пред пет години, односно до пред доаѓањето на Берлускони на власт.

Последните резултати покажуваат дека коалицијата на Романо Проди за пратеничкиот дом добил четириесет и девет запирка осум проценти, додека кампот на Берлускони четириесет и девет запирка седум насто. Според италијанскиот закон, пеесет и пет проценти од местата во овој дом му припаѓаат на победникот на изборите, без оглед колкава е таа победа. Со тоа Проди ќе добие триста и четириесет места од шесто и триесете колку што брои долниот дом на парламнетот. Според податоците, Проди за овој дом победил со само дваесет и пет илјади гласови предност. Енрико ла Логиа, министер за регионални прашања во заминување вели:

„Мислам дека е во сечиј интерес да се спроведе некаква ревизија на гласовите. Конечно тоа им го должиме на италијанците кои излегоа на изборите.“

Пребројувањето би можело да предизвика политички хаос, сличен на оној од американските претседателски избори во две илјадитата година кој заврши со жестока битка за повторно броење на гласовите на Флорида. Засега сите очи се свртени на распоредот на силите за Сенатот, горниот дом на италијанскиот парламент каде што Берлускони добил само едно место повеќе од Проди. Имено, за да се формира влада е потребно да се има мнозинство и во двата парламентарни дома. Аналитичарите се согласуваат дека ќе биде тешко да се одржува таквото потребно мнозинство.

„Постои извесен проблем тука бидејќи на крајот ќе биде тешко да се обезбеди мнозинство во Сенатот.“

Вели Жан Пјер Дарнис од Институтот за меѓународни работи со седиште во Рим. Берлускони, шеесет и девет годишниот медиумски магнат, беше, како што се нарекува, најдолготрајниот италијански премиер од Втората Светска Војна. Тој се кандидараше за уште еден мандат на чело на коалицијата составена од неговата Форца Италија, поранешните неофашисти во Националната Алијанса, Проватиканските сили и анти имигрантската Северна Лига. Иако за време на неговото владеење италијанската економија стагнираше, Берлускони, како што велат аналитичарите, го поддржуваа малите бизнисмени и луѓето од северниот дел на Италија кои се обидуваат да добијат поширока автономија од централната влада во Рим:

„И покрај фактот што Берлускони не ги постигна целите од првиот мандат, многумина повторно гласаа за него поради уверувањето дека помалите држави се поефикасни, особено во развојот на бизнисот.“

Смета Дарнис. Развој на бизнисот вети и Проди кој најави намалување на даноците и економски реформи. Но, аналитичарите велат дека ваквите мерки ќе бидат невозможни ако се има предвид тоа што комунистите ќе бидат дел од владејачката коалиција.
XS
SM
MD
LG