Достапни линкови

Јован Јосифовски претседател на ДИК, изборите на 5-ти јули?


Политички партии и од власта и од опозицијата, го подржуваат петти јули како можен термин за одржување на парламентарните избори во земјава, датум што произлезе по последната средба што викедов ја одржаа премиерот и претседател на СДСМ Владо Бучковски и на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.
Треба да се направи уште една проценка, но датумот е прифатлив и летните одмори не би требало да влијаат врз спроведувањето на изборите, вели Роза Топузовска Каровска од Либерално Демократската Партија:

„Треба да се направи уште една проценка, но во секој случај мислам дека терминот е на почетокот на јули кога летните одмори сеуште не се почнати.“

На партиите од опозицијата им одговара изборите да се одржат што е можно порано, тоа велат постојано го потенцираме и петти јули за нас е прифатлив термин, изјавува Жарко Караџовски од ВМРО Народна.

„15-ти септември го споменувавме како датум за да го потсетиме народот, кога и од чии раце беше преземена власта, но во основа нас ни одговара изборите да се одржат порано од оној термин во кој претходно се одржаа, што значи дека петти јули ни одговара.“

Во ПДП веќе се почнати и подготовските пред изборите. Абдулади Вејсели претседател на ПДП смета дека најбитно во моментов е Македонија да покаже дека може да спроведе фер и демократски избори:

„Ние за тоа бевме од поодамна, дека треба да има предвремени избори, ако е тоа услов за нашиот влез во Европската Унија.“

Засега нема негативни реакции меѓу политичките партии и околу предлогот за првиот човек на Државната изборната Комисија што го договорија Бучковски и Груевски. За повеќото предлогот Јован Јосифовски да биде на чело на Комисијата е прифатлив, бидејќи во него гледаат непартиска личност и сметаат дека како истакнат правник вработен во Собранието би можел да одговори на обврските:

„Сметам дека е професионален, а и неговото искуство во ДИК укажува на тоа дека ќе може добро да ја извршува функцијата.“

„Околу кандидатот ние немаме забелешка, мислам дека нема да биде и не е партиски определен.“

изјавуваат Топузовска и Вејсели. И во ВМРО Народна засега немаат ништо против предлогот Јософовски да биде претседател на ДИК, но за тоа дополнително ќе одлучат, потенцира Караџовски:

„Конечниот став ќе го изградиме до почетокот на седницата кога треба да се гласа, но голема е веројатноста дека ќе го подржиме.“

До крајот на неделава е најавено дека ќе биде познат комплетниот состав на Државната Изборна Комисија.
XS
SM
MD
LG