Достапни линкови

ЕУ ќе помогне во исцртување на единствен договор за слободна трговија во Југоисточна Европа


Европската Унија ќе помогне во исцртувањето на единствен договор за слободна трговија во Југоисточна Европа со цел засилување на економијата во регионот. Ова е најавено во Брисел, пред состанокот на балканските земји во Букурешт најавен за шестти овој месец.

На средбата во Букурешт која е замислена како прва рунда од преговорите за новата трговска спогодба ќе учествуваат и еврокомесарите за трговија и за проширување Питер Менделсон и Оли Рен. Притоа, како што е најавено, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Молдавија, Романија, Србија и Црна Гора, како и Косово би требало да потпишат согласност за новиот трговски договор. Тој ќе ја замени, како што се нарекува, бирократската џунгла од триесет и една билатерална спогодба за слободна трговија во регионот. Токму тоа пак, според оценките на Европската Унија, ги одвраќа странските инвеститори од Југоисточна Европа. Неопходно е ваквиот негативен тренд да биде надминат особено ако се има предвид фактот дека приватизациониот процес во регионот е скоро завршен, велат претставници на Унијата. Според нив, од голема важност за инвоститорите е да наидуваат на исти правила кои се компатибилни со стандардите поставени од Европската Унија и од Светската трговска организација. Новиот договор би ја покривал регионалната слободна трговија на стоки и услуги, заштитата на интелектуалната сопственост, конкуренцијата и јавните набавки. Сето тоа, според оценките на Брисел, ќе придонесе за зголемување на инвестициите кои пак ќе промовираат економски пораст, нови работни места, поголема политичка стабилност и поддршка за економските реформи потребни за приближувањето на овие земји кон Европската Унија. Доколку преговорите завршат до крајот на годинава, тогаш се очекува единствениот договор за слободна трговија во регионот да стартува во текот на две илјади и седма. Европската Унија им е најголемиот трговски партнер на земјите од Југоисточна Европа. Вредноста на сегашната трговската размена изнесува скоро осумдесет милијарди долари или за над пеесет проценти повеќе од онаа што беше пред пет години. За овој период сите земји од регионот бележат зголемување на размената со Унијата. На прво место се Романија и Бугарија кои се надеваат дека ќе станат членки на Европската Унија од први јануари идната година. Еврокомесарот Оли Рен вели дека тоа може да се оствари, но само доколку двете земји ги продолжат напорите за влез во Унијата. Во најновата негова оценка тој изразува задоволство од напорите на Романија во борбата против корупцијата. Тоа не е случај со Бугарија, бидејќи, како што смета комесарот Рен, во таа држава недоволно се применувале законите особено во битката против таканаречената корупција на високо ниво. Рен дури вели дека е можно Европската Комисија да предложи одлагање на приклучувањето на овие две земји за една година. Сепак, постојат оптимистички најави дека до тоа нема да дојде и оти Комисијата во идниот месец че донесе позитивна одлука.
XS
SM
MD
LG