Достапни линкови

Барања за олеснување на визниот режим, укинување на транспортните дозволи и намалување на патарините


Синдикатите на независни камионски транспортери денеска протестираат. Бараат олеснување на визниот режим, укинување на транспортните дозволи и намалување на надоместот за патарини. Оттаму велат дека денешниот штрајк е предупредувачки и има за цел да ја натера Владата сериозно да ги сфати нивните барања и да ги почитува законите.

„Никој не сфати дека визата за нас е орудие за работа, без неа не можеме да одиме надвор и да ја вршиме работата,“

изјави Билјана Муратовска, генерален секретар во МАКАМ

Таа додава дека во изминатите три години ниту едно од нивните барања не било исполнето. Од МАКАМ ТРАНС информираат дека поради долгите и тешки процедури за добивање на виза, од септември минатата година, транспортерите се соочуваат со изолација во рамките на своите граници што пак предизвикало големи материјални штети во однос на реализираните транспорти.

„Државата треба да ни даде услови за работа.“

И последниот предлог на транспортерите да добијат попуст од 30 проценти попуст за патарините, со однапред купени талони не беше прифатен.Транспортерите реагираат и на давачките за ваги и царински терминали, а бараат и укинување на 250 денари за транспортната дозвола, кои се уплаќаат на жиро сметка на министерството за транспорт и врски, а што според Макам е спротивно на законот за административни трошоци.

„Ние се соочуваме со куртоазни состаноци, ветувања како на мали деца, а сите тераат понатаму. Никој не се запраша како да ни помогне, и сите затоа што работиме ни внесуваат давачки.“

Денешниот протест ќе биде мирен и ќе се одвива на неколку локации во градот. Доколку истиот не даде резултати, македонските транспортери најавуваат порадикални мерки.
XS
SM
MD
LG