Достапни линкови

logo-print

Алексеј Дума, директор на Институтот за судска медицина и претседател на лекарската комора. Нема притисоци од власта, ниту двојни и фингирани извештаи


Во 60-тите некаде ви беше донесена мумија од липковско, дали нешто е истражено таму?

Колку што знам, тоа е мумија која што е најдена при копањето на липковската брана, три мумии биле најдени, се што е најдено околу нив било земено и наводно однесено во Белград. Ние се обидовме да ги пронајдеме, не можеме да ги најдеме, дури не може да најдеме и трага – материјален доказ. Значи, само по зборување, не можеме да видиме фотографија, записник. Од зборување, до нив најдени се пари од времето на цар Душан и најдена е коњска грива, колку е старо – претпоставуваме дека е од Цар Душан и сега сме спремни да седнеме и да пробаме да направиме ДНА на мумијата и да пробаме да го компарираме резултатот со популационите испитувања за овие простори. Секој регион, има објавени популациони испитувања.

Што би можело да се докаже од ДНА анализа?

На таков начин ќе добиеме повеќе податоци за евентуалната причина за смртта, за евентуални хронични заболувања, претходни заболувања. Таа има коса. Ние располагаме со метода, со којашто во косата може да најдеме присуство на одредени хемиски супстанци. Се депонираат информациите како во чип, информациите што се случувало со оргнизмот додека влакното било во корен. Значи, после тоа, кога ќе порасне организмот си ги депонира како информација во ткивото и ние сме во состојба тоа да го прочитаме. Располагаме со опрема, иако состојбата со хемикалии е трагична, да видиме дали тука би нашле некакви интересни хемиски информации, во однос на исхрана, па и начин на лекување, но вреди да се проба.

Може да се открие некој генетски код?

Да. Затоа ќе правиме ДНА, да видиме дали ќе правиме сличност со некои од популациите што живеат на Балканот.

Вие сте работеле на случаи коишто имаат огромна важност, еве ќе ги споменеме Непроштено, Љуботен, смртта на претседателот Трајковски. Сте имале ли некогаш притисок, бидејќи тоа се случаи коишто би можеле да имаат политичко влијание?

Од политичките структури, па и од структурите на власта немаме никакви, апсолутно никакви влијание, бидејќи и судот е животно заинтересиран да дојдеме до вистината. Не сме имале притисоци, се случуваат притисоци во средствата за јавно информирање, аматерски прозивки, често пати гледате како аматери ја коментираат нашата работа, дали се тоа вистински новинари не знам, или случајно залутани, најверојатно ако имаат поголема едукација од областа на новинарството би се однесувале професионално – најверојатно. Така што, нивните изјави во дневно политички интерес или во градење на афери за кревање на тиражот на тој медиум не ни значат ништо. Дури често пати се мајтапиме со нив – види како голем стручњак и професионалец открил работи коишто ние не можевме да ги видиме.

Во јавноста сепак има чувство дека работите под притисок, затоа што се зборува за двојни и фингирани извештаи?

Двојни извештаи и фингирани извештаи нема. Дури можам да ви кажам, на овластена институција сме подготвени да ја дадеме на увид целата архива, тоа значи дека не може граѓанин да дојде и да бара увид во архивата на институтот, но на овластена институција, со судски налог, да се направи увид во целата архива, ако најдат еден фингиран извештај, тогаш сите ние треба да си одиме. Тоа нема шанса да биде направено. За да ги избегнеме тие работи, нам ни беше јасно дека такви работи ќе излегуваат во времето на кризните ситуации во Македонија, ние инсистиравме да работиме во присуство на набљудувачи.

Дали во случај на ситуации кога навидум е се јасно, се бара анализа и мислење?

Во последно време судовите, не знам зошто, се поретко не повикуваат на увид на лице место. Увидот на лице место е најмалку 40 насто од решавањето на случајот. И нашето правило во професијата е дека ништо не е јасно, треба да го докажеш. А, тоа што сметаш дека е лесно, едноставно и видливо, само те тера да не бидеш доволно сериозен и тогаш по правило не постојат лесни и тешки предмети. Се мора да се докаже. И сега затоа ни се случува да добиваме предмети од судовите каде што биле пропуштени истражните дејства. Вчера дојде предмет од суд во внатрешноста, каде што се бара да вештачиме убиство што не е обдуцирано. Некој зел и направил увид со надворешен преглед. Со наворешен предмет не можеме да говориме за повредувањето. Има серија прашања коишто ние мора да ги одговориме и тој предмет ние ќе го вратиме. Такви предмети има повеќе. Со молба до судот да го повика тој што сметал дека нема потреба да се работи обдукција, значи било овластено лице, некој судија, којшто сметал дека тоа му е јасно и нема потреба од обезбедување на докази, како што пропишува законот за кривична постапка, да одговори на прашањето коешто сега се поставува, зашто нему тогаш му биле јасни. Се работи за судија и тој е должен да знае. А, ако не знае, тоа не го ослободува од вината, за попречување на вршење на истражно дејство. Лично сметам дека таквото постапување е свесно прикривање на доказ.

Со кадар стоите добро, што е со парите?

Добивме акредитација од ЕУ. Нашата шифра беше на петто место од 120 институции, многу познати институции во Европа се далеку зад нас во квалитетот.

Се случува ли да ви недостасуваат реагенси?

Да, многу. Еве во моментов, немаме реагенси за одредување психо активни супстанци. Некои од методите, како на пример парафинската ракавица, се демоде. Ниту еден суд во светот не ги прифаќа веќе, не се доказ и треба да се направат напори да се набави таа опрема.

Преминуваме на друга тема. Претседател сте на лекарската комора на Макеоднија, студиите по медицина траат долго време, потоа следат државен испит, па специјализација. Што мислите, колку студентите се мотовирани за запишување на овој факултет?

Ние немаме намера да ги мотивираме ниту демотивираме, тоа е слободен избор, ќе седне, ќе размисли и ќе одлучи. Не можам јас да бидам матичен доктор, со тоа што јас сум го научил пред 30 години, не може да биде доктор некој што има кафеана, се бави со земјоделие, тоа не е доктор ниту од 19 век. Значи, мора да знаат дека дипломиран студент по медицина мора континуирано да учи.

Но, тие семинари и конгреси чинат пари?

Апсолутно, знам што сакате да кажете. Нам ни е тоа јасно. И сериозни разговори имаме, последниот беше синоќа, министерството за здравство стои на наша страна, фондот за здравство и светската банка. Треба да се изнајдат механизми за растеретување на колегите од високата цена на државниот испит. Но, така организиран како што го направивме, а оценет како најдобар во Европа. Мора некој да го плати. Континуирана едукација, со 16 илјади денари не може да си купи ниту книга, ниту магазин, а не на конгрес да оди. И затоа разговараме да се изнајде начин да се покриваат нивните трошоци до некаде, се додека не дојде до ситуација, тој да може подобро да заработи, од тоа што ќе го научи. Тоа ни е целта. Тоа е во интерес на пациентот.
XS
SM
MD
LG