Достапни линкови

Едукација на граѓаните за заштита од птичјиот грип


Орнитолозите предупредуваат-медиумите во последно време се тивки за проблемите со птичјиот грип, но токму сега на пролет, почнувајќи од месец март, преселните птици ќе дојдат од Африка. Претставникот на УНИЦЕФ во Република Македонија, Хонгвеј Гао, вели дека улогата на медиумите за заштита на луѓето од птичји грип е огромна. Според неа, пенкалата и камерите на новинарите имаат огромна моќ, а новинарите треба да умеат стручните предавања на универзитетските професори да им ги пренесат и на децата.
Истиот став го дели и доктор Јованка Костовска која е заменик-претседател на Комисијата за птичји грип:

„Навремената и соодветната информација може многу да придонесе за подготвеноста кај населението за преземање на превентивни мерки и подготвеноста воопшто да помогнат за спречување на пандемијата против птичјиот грип. Додека несоодветната информација од било кои причини, недобро разбрана или несоодветно пренесена, може да има последици од аспект на создавање на паника меѓу населението или пак преземање на мерки кои не се препорачани.“

Од вирусот на птичјиот грип заболуваат и домашните и дивите птици. А досега вирусот бил пронајден и кај свињи, мачки, мајмуни, коњи и луѓе. Од 1959-та до 1999-та година во светот имало 18 епидемии, а биле уништени 23 милиони птици. Во Пенсилванија-САД, во 1983 година заради вирусот Х5Н1 државата потрошила 350милиони долари.
Појавата на птичјиот грип во Македонија би можела да ги загрози животите на луѓето и на другите цицачи, а трошоците за искоренување на болеста би можеле да и нанесат удар на внатрешната економија.
За граѓаните на Македонија да знаат како да се заштит при евентуална појава на птичјиот грип, од УНИЦЕФ и од Министерството за здравство најавуваат медиумска кампања која ќе треба да започне во петок.
XS
SM
MD
LG