Достапни линкови

Проширување или заминување на дел од коалиционите партии!?


Односите помеѓу коалициските партнери на власт се стабилни, но недоволно координирани оценуваат владеачките партии. По изјавата на премиерот Владо Бучковски дека очекува независност на Косово до крајот на годината, жестоко реагираше Демократската партија на Србите. Според нивниот председател Иван Стоиљковиќ, не е исклучена можноста ДПС да не биде дел од коалицијата „За Македонија Заедно“ на претстојните избори:

„Постои можност доколку се продолжи со ваков начин на непочитување на коалиционите партнери да дојде и до политички промени. Не би ги исклучил сите политички опции, меѓутоа ние ќе се обидеме пред се во разговорите со премиерот да ни објасни зошто во повеќе наврати тоа го прави, кога никој не го тера и на тој начин нас не вовлекува во еден процес каде треба да бидеме сооучесници во политиката која што не само што е спротивна на нашиот народ, туку е и спротивна на интересите на Македонија.“

изјави Стоиљковиќ.
Спротивно на ваквите изјави, Илија Илоски од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најавува пред или постизборно проширување, а не стеснување на коалицијата:

„Апсолутно негирам дека има некаков раздор во коалицијата, напротив тврдам дека се разговара и со другите политички субјекти кои неуспевајќи да се договорат со опозиционите партии, сакаат да се приклонат кон нас. Дали тоа ќе биде во форма на пред изборна коалиција или после изборна, ќе видиме, но апсолутно значи може да дојде до проширување на овој коалиционен фронт, а не дека некој би излегувал од него.“

изјави Илоски.
Од Обединетата партија на Ромите, признаваат дека постои слаба координација во односите помеѓу партиите на власт:

„Не би рекол дека се влошени работите, но се нема координација особено сега пред некои чувствителни моментни. Но јас се надевам дека сетоа тоа е поради настаните околу кои постои огромна грижа.“

изјави Неждет Мустафа од Обединетата партија на Ромите.
И Либерално Демократската Партија смета дека односите во коалицијата се добри и оти ЛДП останува коалициски партнер на СДСМ на претстојните парламентарни избори:

„Оваа коалиција беше направена за подолго време, значи настапивме на неколку изборни циклуси и секако заедно ќе настапиме и на овие парламентарни избори што беше договорено уште есента минатата година.“

изјави Роза Карова Топузовска од ЛДП.
XS
SM
MD
LG