Достапни линкови

Проект за локален економски развој


Во активностите на Владата за привлекување на странски инвестиции, се анимираат и општините. Со процесот на децентрализација тие ја добиваат и оваа можност, а од привлекувањето на инвеститорите и нивното вложување во општината, ќе зависи локалниот економски развој. Но, градоначалниците порачуваат дека овој проект нема да можат да го реализираат доколку во скоро време не се реши проблемот со сопственоста на градежното земјиште, односно урбанистичките проблеми. Тоа сеуште е во рацете на државата, а токму долготрајните процери за добивање на потребните документи ги одвраќа заинтресираните инвеститори, вели градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски:

„Да се изврши измена и дополна на законот за градежно земјиште или да се донесе нов закон со кој следејќи ги европските искуства, на општините во Македонија и на градот Скопје ќе им се даде право на поседување, значи право на сопственост на градежното земјиште во опфатот на урбанистичкиот план.“

Но, наспроти овој проблем, кои се можностите на локалните власти и може ли да се очекува успех при привлекувањето на странски вложувачи, имајќи ги притоа предвид и ограничените резултати со кои на ова поле се соочува дури и централната власт. Постојат, но за нивна реализација има многу работа вели Коцевски:

„Пред се во донесувањето на квалитетни детални урбанистички планови со кој ќе се резервира простор за изградба на индустрски објекти. Второ, во можноста тие индустриски зони добро инфраструктурно да се опремат од страна на општините за да станат атрактивни за потенцијалните домашни и странски инвеститори и трето да ги ослободиме потенцијалните инвеститори од плаќање за уредување на градежно земјиште делумно или целосно. Но ова е се во теоријата, и треба многу да работиме за сето тоа да стане реалност.“

Проблем е и различната развиеност на општините, односно помали, наспроти поголемите, поатрактивни општини. Во оваа насока градоначалникот на општина Желино Кенан Алиу потенцира:

„Ние можеме да направиме перфектни перформанси во смисла на тоа што значи пропаганден материјал, но инвеститорот и неговите менаџери се тие кои на крајот одлучуваат дали имаат сметка или не, да инвестираат во таа општина.“

Без разлика на ограниченостите со кои се соочуваат, локалните власти ќе мора да ги направат нивните општини атрактивни за странските инвеститори, доколку сакаат економски развој. Во иднина треба да бидат изготвени проекти, односно секоја општина ќе треба да направи проценка за своите карактеристики, па во зависност од тоа во едни ќе се развива туризам, а во руралните ќе се привлекуваат инвестиции од областа на земјоделството, сточарството или градинарството.
XS
SM
MD
LG