Достапни линкови

Албанија е за неменување на границите во регионот


Заменик специјалниот пратеник на Обединетите Нации за статусот на Косово Албер Роан од денеска е во посета на Приштина заради консултации околу децентрализацијата на власта во Покраината. Во меѓувреме, официјална Тирана уште еднаш повтори дека е против секоја промена на границите на Балканот.

Албанскиот премиер Сали Бериша за Радио Слободна Европа изјави дека како дел од албанската долгорочна политика е и неменувањето на границите во регионот:

„Албанија има долгорочна политика и ја поддржува позицијата на меѓународната заедница, вклучувајќи ги и Обединетите Нации. Тоа значи дека е против секоја промена на границите или пак враќање на состојбата на Косово пред илјада деветстотини деведесет и деветата година. Албанија, исто така, е против идејата Косово да и се приклучи на некоја соседна земја.“

рече премиерот на Албанија Сали Бериша во интервју за Косовската редакција на Радио Слободна Европа. Официјална Тирана деновиве се најде во ситуација да ја појаснува својата позиција во врска со евентуалната независност на Косово. Тоа особено по изјавата на шефот на албанската дипломатија дека Тирана во еден таков развој на настаните не би можела да ги гарантира границите на Балканот. Албанскиот премиер Сали Бериша смета дека токму независноста на Косово ќе продонесе за постабилен регион:

„Албанија го поддржува враќањето на српското малцинство и на другите раселени на Косово и дава целосна поддршка на дијалогот меѓу Приштина и Белград. Албанија е убедена дека единствена солуција која може да доведе до мир и стабилност на Косово е онаа што ја почитува волјата на народот на Косово за самоопределување, за независност на Косово.“

Вели албанскиот премиер Сали Бериша. Инаку, како што е веќе најавено, преговорите меѓу Белград и Приштина би требало да продолжат на третти идниот месец. За таа цел во Приштина е Албер Роан, човекот кој претседава на овие состаноци меѓу српските и албанските преговарачи во Виена. Тој во минатата недела изјави дека е подготвен документ за она за што е постигната или не согласност на претходните две рунди од преговорите за децентрализацијата на Косово. Ова прашање се смета за клучно, по што преговорите би продолжиле и за заштитата на малцинствата и на културните традиции на Косово. Кон средината на идниот месец претставници на земјите од Контакт групата во Атина ќе го анализираат досегашниот тек на овие преговори.
XS
SM
MD
LG