Достапни линкови

Вести

Вашингтон: Кондолиза Рајс уверена дека ќе има директни разговори САД - Иран

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс изрази уверување дека ќе дојде до директни разговори меѓу Соединетите Држави и Иран за ситуацијата во Ирак. Официјален Вашингтон ги обвинува иранските власти за поттикнување на верските насилства во Ирак. Поради тоа Техеран понуди разговори со Вашингтон на кои би станало збор само за ирачката ситуација, а не и за спорната иранска нуклеарна програма.

види ги сите денешни вести

Фон дер Лајен на границата на Финска со Русија, се врши проценка на безбедносната состојба

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и финскиот премиер Петри Орпо одржаа заедничка прес-конференција на аеродромот Лапеенранта, источна Финска, на 19 април 2024 година,
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и финскиот премиер Петри Орпо одржаа заедничка прес-конференција на аеродромот Лапеенранта, источна Финска, на 19 април 2024 година,

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, денеска, на 19 април, рече дека одлуката на Финска да ги затвори своите гранични премини со Русија поради зголемувањето на мигрантите е безбедносно прашање што Европската Унија треба да го разгледа.

„Сите знаеме како рускиот претседател Владимир Путин и неговите партнери ги користат мигрантите како инструмент за да ја тестираат нашата одбрана и да се обидат да не дестабилизираат“, рече Фон дер Лајен во Финска, за време на обиколката на делот од границата лоциран на Арктикот.

„Сега Путин се фокусира на Финска, што секако е одговор на нејзината силна поддршка кон Украина и пристапувањето во НАТО“, додаде таа.

На 4 април Финска одлучи да го продолжи затворањето на своите гранични премини со Русија „до понатамошно известување“, поради високиот ризик од организирана миграција од страна на Москва.

Владата на Финска затвори осум од деветте контролни пунктови со Русија.

Единствениот што останува отворен е оној за железнички сообраќај, а низ него минуваат претежно товарни возови. Финска дели 1.340 километри копнена граница со Русија.

„Ова не е само прашање на безбедноста на Финска, туку и прашање на безбедноста на Европската Унија. Ние сме заедно во ова“, рече фон дер Лајен по посетата на границата во Лапеенранта со финскиот премиер Петри Орпо.

Во соопштението објавено по посетата, Орпо рече дека „пролетните временски услови го зголемуваат ризикот Русија да им помогне на луѓето илегално да се обидат да стигнат до Финска преку копнената граница надвор од контролните пунктови“.

Најголем дел од мигрантите доаѓаат од Блискиот Исток и Африка.

Повеќето од нив побарале азил во Финска, членка на алијансата на ЕУ и НАТО со население од 5,6 милиони луѓе.

Финска се приклучи на НАТО алијансата во април 2023 година, ставајќи крај на децениската неутралност по поразот на земјата од Советскиот Сојуз во Втората светска војна.

Вработените во Водостопанство на мирен протест, најавија радикализација ако не ја добијат мартовската плата

Пресконференција на синдикатот на АД Водостопанство, 19 апри, 2024 година.
Пресконференција на синдикатот на АД Водостопанство, 19 апри, 2024 година.

Синдикалната организација на АД Водостопанств денеска, 19 април, преку мирен протест побара од Владата да им се префрлат средства за плати и трошоци за гориво, електрична енергија и резервни делови за да ги подготват и одржуваат каналите за наводнување и одводнување, цевководите за достава на сурова вода, се со цел да може да отпочне и да се заврши сезоната за 2024 година.

На мирен протест на вработените пред дирекцијата на АД Водостопанство и воедно во сите 14 подружници на ова акционерско друштво, синдикалните претставници соопштија дека не ја добиле платата за март и информираа за проблемот со ненаплата на водните услуги од општините корисници, кои им должат 240 милиони денари, нагласувајќи дека сето тоа било толерирано од нивниот менаџерски тим.

Од основањето во 2016 година, во последните три години велат се соочуваат со финансиска криза, а најтешка им е актуелната 2024 година. Тие предупредија дека во прашање ќе биде доведен земјоделскиот род и загрозена егзистенцијата на 30 илјади земјоделски семејства.

„Не ќе можеме да испорачаме вода до земјоделските површини и цевководите за достава на сурова вода до комуналните претпријатија, а со тоа се загрозуваат посевите и родот, што ќе резултира и со загрозување на опстанокот на 30 000 земјоделски семејства кои егзистираат само од земјоделството и четири градови кои користат вода за пиење“, изјави денеска Коста Малзарков, претседател на синдикалната организација на АД Водостопанство, претпријатие кое има 517 вработени ширум целата држава.

Малзарков објасни дека од собраните средства за минатата година до февруари годинава, требало да имаат плати до јуни 2024, но Управата за јавни приходи им ја блокирало сметката и им ги зела сите средства.

„Неплатените обврски кон УЈП се должи на фактурите кои од наша страна се доставени до комуналните претпријатија во Куманово, Струмица, Берово и Кавадарци кои не ги платиле своите обврски кон нас, а тоа се околу 240 милиони денари, од што само ДДВ се 45 милиони. Средствата собрани за водни услуги се толку мали што само за плата има за осум месеци, а каде се другите средства за гориво, електрична енергија која ја користат пумпите за наводнување, резервни делови и други трошоци“, истакна Малзарков.

Претседателот на АГРО-синдикатот, Игор Китановски, изјави дека лани имале проблеми за исплата на платата за мај, а оваа година, рече, „голготата“ почнала уште во март.

Китановски објасни дека за оваа состојба не се виновни вработените во Водостопанство, но вели општините не ги подмируваат трошоците кон ова претпријатие иако ја добиваат водата до пречистителните станици која им ја продаваат, односно наплаќаат на граѓаните.

„Станува збор за поголема сума на пари, околу 240 милиони денари, за кои се издадени фактури и не се наплатени повеќе години. Зошто тоа се толерира треба да одговори менаџерскиот тим. Во изминатиот период Управата за јавни приходи ја блокираше сметката на ова Водостопанство, присилно наплати ДДВ за издадените фактури, но ненаплатени кон тие општини, и до денес менаџерскиот тим нема преземено мерки за нивна наплата и за тоа треба да сноси одговорност“, рече Китановски.

Тој информираѓше и дека на 9 април побарале средба со техничкиот премиер Талат Џафери, но вели и по 10 дена немаат одговор од Владата, ниту пак ја добиле мартовската плата. Китановски најави и доколку платата не им биде исплатена, во наредниот период ќе ги радикализираат протестите.

Зеленски повика на поголема воздушна одбрана по новиот смртоносен напад врз Украина

Пожарникарите работат на местото на рускиот ракетен напад во Днипро на 19 април.
Пожарникарите работат на местото на рускиот ракетен напад во Днипро на 19 април.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно апелираше до западните партнери на Украина итно да и обезбедат на неговата земја повеќе системи за противвоздушна одбрана, по смртоносните руски ракетни напади на 19 април врз повеќе украински градови и критичната енергетска инфраструктура.

Одделно, украинските воздухопловни сили тврдат дека уништиле руски бомбардер како одговор на ракетните напади на 19 април.

„Секоја земја што обезбедува системи за противвоздушна одбрана за Украина, секој лидер кој помага да се убедат нашите партнери дека системите за противвоздушна одбрана не треба да се чуваат во магацини, туку да се распоредуваат во вистински градови и заедници кои се соочуваат со терор, всушност е спасувач на животи“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер.

Воздухопловните сили на Украина денеска соопштија дека уништиле руски стратешки бомбардер Ту-22М3, по рускиот напад на 19 април.

„Ова е одмазда за фактот дека руските стратешки авиони денеска ги нападнаа нашите мирни градови, при што загинаа цивили“, изјави за РСЕ портпаролот на воздухопловните сили Илја Јевлаш.

„Ова е првпат нашите воздухопловни сили заедно со нашите партнери од военото разузнавање и другите одбранбени сили да успеат да соборат стратешки авијациски авион Ту-22М3“, додаде Јевлаш.

Овие тврдења сепак не можеа независно да бидат потврдени.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека Ту-22M3 се урнал во јужниот регион Ставропол поради техничка неисправност додека се враќал во базата од борбена мисија. Регионалниот началник на Ставропол, Владимир Владимиров, изјави дека еден од четворицата членови на екипажот загинал, додека друг се води како исчезнат.

„Двајцата други членови се пронајдени живи“, рече Владимиров.

Министерот за внатрешни работи на Украина, Ихор Клименко, изјави дека најмалку осум лица загинале, а 25 се ранети во руските ракетни напади врз областа Дњепропетровск рано изутрина на 19 април.

„Две лица загинаа во градот Днепар и шестмина во областа Синелникивски јужно од Днепар, каде што беа оштетени повеќе од десетина домови“, рече Клименко.

Серхи Лисак, началник на администрацијата во овој регион, на Телеграм информираше дека во градот биле оштетени и станбена зграда и еден инфраструктурен објект.

Третата локација во Дњепропетровск, родниот град на Зеленски, Кривиј Рих, беше цел на посебен руски напад во кој беше оштетена инфраструктура и беа ранети три лица, според зборовите на градоначалникот Олександар Вилкул, кој рече дека ударот врз инфраструктурата предизвикал пожар.

„Русија мора да сноси одговорност за својот терор, а сите ракети и беспилотни летала „Шахед“ мораат да бидат пресретнати. Светот може да го овозможи тоа, а нашите партнери ги поседуваат потребните способности. Ова беше демонстрирано и на небото над Блискиот Исток, а треба да функционира и во Европа“, рече Зеленски алудирајќи на масовниот ирански напад со беспилотно летало врз Израел минатата недела, кој практично беше целосно одбиен во заеднички напор на воздушните одбрани на Израел, САД, Франција, Велика Британија и Јордан.

Украина со месеци се залага за поголема противвоздушна одбрана бидејќи се бори со се поинтензивните руски воздушни напади врз нејзината инфраструктура, додека нејзините резерви со оружје и муниција се намалуваат бидејќи критичната американска помош останува заглавена во Конгресот.

САД пак се убедливо главниот снабдувач на воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Но, очајно потребниот пакет воена помош од 61 милијарда долари за Украина и натаму останува блокиран во Претставничкиот дом на САД поради противеењето на тврдокорните во Републиканската партија, кои сакаат да ги поврзат прашањата на внатрешната политика на земјата, како што е имиграцијата, со одлуката за одобрување на странска помош.

Се очекува Претставничкиот дом на 20 април да гласа за нова воена помош, вклучувајќи го и долго одложуваниот пакет за Украина.

Боки-13 бара повторување на постапката за случајот „Рекет“

Бојан Јовановски - Боки 13 во судница за случајот „Рекет“, 11 февруари 2020 година
Бојан Јовановски - Боки 13 во судница за случајот „Рекет“, 11 февруари 2020 година

Бојан Јовановски во јавноста познат како Боки 13 и еден од осудените во случајот Рекет и обвинет во предметот Меѓународен сојуз, денеска (19 април) пред Основниот кривичен суд Скопје поднесе барање за повторување на постапката за случајот „Рекет“ и побара фер, а не брза судска постапка за случајот „Меѓународен сојуз“.

„Меѓународен сојуз е укинат и се надевам и барам само фер судска постапка. Јас моментално сум лице кое е правосилно осудено, но кое доби прекин на издржување на затворската казна поради здраствени причини. Не сакам мојот изглед да биде злоупотребен и јавноста да зборува дека не ми е ништо, туку за моето лошо здравје јас имам целосна документација. Имам индикации дека најверојатно ќе треба да се прави уште некоја интервенција и вакво нешто не посакувам никому“, рече Јовановски.

Во изјава која е прва откако тој доби прекин на издржувањето на затворска казна за случајот „Рекет“ поради здраствени причини, тој меѓудругото рече и дека случајот „Рекет“ не е расчистен, иако за него има правосилна судска пресуда.

„Денеска официјално во Основниот кривичен суд е барање за повторување на кривичната постапка под името „Рекет“. Оваа одредба ја користиме врз основа на нови околности кои не беа земени во предвед во постапката. Рекет не е расчистен, јавноста мора да дознае што се случувало. Зоран Заев тврди дека знаел за Рекет во смисла дека го бранел законот. Заев беше човекот кој комуницираше дирекно со овие лица и беше човек од позиција на моќ кој можел да влијае, тој е се само не човек кој го бранел законот. Заев изврши влијание за Јордан Камчев да го добие пасошот назад и за тоа имам докази. А за парите од „Рекет“, Русковска и Камчев знаат каде се. Русковска со овој предмет си направи себепромоција. Таа прво тврдеше дека парите се во мојот дом, па потоа сум ги потрошил на мојата телевизија 1 ТВ, за на крај да каже дека се потрошени на гардеробата која сум ја носел, а ми беше запленета. Тоа се три различни изјави. Русковска зборуваше онака како ќе и се погодеше денот, а не со аргументи“, рече Јовановски пред судот.

Јовановски за „Рекет“ е осуден на затвор од 9 години. Поранешната специјална обвинителка Јанева е осудена на 7 годишна затворска казна. Третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина за предметот и беше осуден на 3 години затвор.

Јанева и Јовановски беа спроведени во затворот Идризово на 23 јуни 2021 година на издржување на затворската казна, откако Апелациониот суд ги одби жалбите на обвинетите во случајот Рекет и на Јавниот обвинител и ја потврди провостепената пресуда во целост.

Во ноември лани, Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за прекин на издржувањето на казната затвор за Јовановски, со образложение дека здравјето му е влошено и дека во затворот не може да биде соодветно лекуван.

На почетокот на месецот пак, Апелацискиот суд ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“ според која Јовановски беше осуден на деветгодишна затворска казна, за кривични дела поврзани со измама и перење пари преку невладината организација. Второбвинетата во овој предмет заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Ерцеговиќ доби 4 години казна затвор. Меѓу обвинетите беше и поранешната пратеничка од СДСМ, Фросина Ременски, која се гонеше за помагање во делото измама, но Судот ја ослободи од обвинението, бидејќи јавниот обвинител не прикажал доволно докази дека таа сторила кривично дело.

Две лица уапсени во Полска за напад на соработник на Навални во Литванија

Леонид Волков, руски опозициски активист
Леонид Волков, руски опозициски активист

Две лица се уапсени во Полска под сомнение дека го нападнале рускиот опозициски активист Леонид Волков, сојузник на починатиот опозициски лидер Алексеј Навални, изјави во петокот литванскиот претседател Гитанас Наузеда.

Поранешниот шеф на кабинетот на Навални беше нападнат во март пред неговиот дом во главниот град на Литванија, Вилнус, каде што живее во егзил.

Напаѓачот му скршил едно стакло од автомобилот, му ги испрскал очите со солзавец и го удрил со чекан, соопшти тогаш полицијата.

Литванскиот претседател и се заблагодари на Полска за нејзината соработка во апсењето на осомничените, иако немаше коментар од полските власти.

Волков, кој ја напушти Русија во 2019 година плашејќи се за својата лична безбедност, се здоби со скршеница на раката во март, откако беше погоден со чекан за месо.

Нападот се случи на помалку од еден месец по смртта на Навални под сомнителни околности во затвор на рускиот Арктик.

Разузнавачките служби на Литванија тогаш објавија дека нападот „веројатно“ е операција „организирана и изведена од Русија, чија цел била да се запре реализацијата на проектите на руската опозиција“.

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

илустрација, лого на ОБСЕ
илустрација, лого на ОБСЕ

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против уставниот поредок на Босна и Херцеговина, се вели во заедничката изјава за печатот на претседавачот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Јан Борг и генералната секретарка Хелга Мари-Шмид, откако Собранието на РС предвреме го усвои Изборниот закон за ентитетот, утрото на 19 април.

Во текстот на Законот е дефинирано дека ентитетската изборна комисија ја презема правната улога на Државната централна изборна комисија на БиХ во организирањето на локалните избори во Република Српска, но и општите избори за претседател и потпретседатели на РС и ентитетскиот парламент.

Од крајот на војната во 1995 година, ентитетите во БиХ никогаш немале јурисдикција за спроведување на изборите во земјата, ниту пак ентитетската јурисдикција над изборите е спомната во Уставот на БиХ.

„Реториката и акциите кои предизвикуваат поделби ја загрозуваат стабилноста и се штетни за демократските права на граѓаните. ОБСЕ го повикува Народното собрание на Република Српска да го повлече Изборниот закон и ги повикува сите политички лидери во Босна и Херцеговина да работат конструктивно на ниво на државните институции“, се вели во соопштението.

Се додава дека ОБСЕ ја потврдува својата силна поддршка за Дејтонскиот мировен договор и Уставот на Босна и Херцеговина.

Нацрт-изборниот закон на РС беше усвоен на крајот на март, по што претставниците на Меѓународната заедница ја оценија работата на усвојувањето на овој закон како „директен напад врз државната структура на БиХ“.

И Централната изборна комисија претходно објави дека тие се единствените одговорни за одржување на изборите во Босна и Херцеговина.

Сите избори од донесувањето на Изборниот закон на БиХ во 2001 година до денес беа организирани од ЦИК, а изборите пред тоа беа организирани од Привремената изборна комисија, формирана со Дејтонскиот договор.

Локалните избори во БиХ, на кои се избираат градоначалници, шефови на општини и локални парламенти, се уште не се закажани, но законот предвидува тие да се одржат на 6 октомври.

Властите на РС ја започнаа процедурата за донесување на овој закон откако високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит, кој не е признат од властите во РС, наметна технички измени во изборниот закон на БиХ, шест месеци пред локалните избори закажани за октомври.

Меѓу другото, измените вклучуваат професионализација на избирачките одбори и биометриска идентификација на гласачите, како и други измени за намалување на можноста за изборни манипулации.

Избрани 12 поротници за судењето против Трамп

Доналд Трамп
Доналд Трамп

Судот во Њујорк назначи 12 поротници кои треба да ја донесат конечната пресуда во врска со обвинението против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за наводно фалсификување деловни документи во случајот со тајни плаќања на порно актерката Сторми Даниелс, пред судот во Менхетен.

Меѓу 12-те поротници има седум мажи и пет жени, според Си-Би-Ес Њуз. Изборот на поротата ќе продолжи денеска, бидејќи до почетокот на судењето треба да се изберат уште шест резервни поротници.

„Имаме порота“, рече судијата Хуан Мерчан откако новите поротници се заколнаа дека ќе носат одлуки „праведно и непристрасно“.

Мерчан посочи дека судот е на добар пат да го започне судењето со воведни зборови од понеделник, 22 април.

Обвинението поднесено од обвинителот Алвин Брег го обвинува Трамп за фалсификување деловни извештаи со цел да се прикрие исплатата за порноѕвездата Сторми Даниелс непосредно пред изборите во 2016 година.

Обвинителството најави дека ќе се фокусира на финсиските средства што Трамп му го дал на својот поранешен соработник Мајкл Коен, кој тврди и дал 130 000 долари на Даниелс, со цел да ја замолчат за нејзината наводна афера со Трамп.

Според Обвинителството, тоа бил обид за незаконско влијание врз изборите во 2016 година. Ваквите исплати во САД не се нелегални, но според обвинителите Трамп направил кривично дело со неправилното евидентирање на надоместокот за Коен како правни трошоци. Трамп е обвинет за вкупно 34 кривични дела за фалсификување деловни книги од прв степен.

МААЕ: Нема штета на нуклеарните постројки во Иран

Меѓународна агенција за атомска енергија
Меѓународна агенција за атомска енергија

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) објави дека нема штета на иранските нуклеарни постројки, откако Израел изврши одмазнички напади.

„Продолжуваме да ја следиме ситуацијата и ги повикуваме двете страни на екстремна воздржаност. Нуклеарните објекти никогаш не треба да бидат цел во воени конфликти“, се вели во соопштението на МААЕ на платформата X.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Потоа Израел предупреди дека ќесе одмазди за нападот со стотици проектили и беспилотни летала, од кои најголемиот дел без пресретнати од противвоздушната одбрана.

Инаку, нападот на Иран врз Израел беше одмазда за нападот врз иранскакиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа неколку високи офицери.

Иран за нападот во Сирија го обвини Израел, а Тел Авив ниту потврди, ниту демантираше дека стои зад нападот.

Најмалку осум лица убиени во руските напади врз областа Дњепропетровск

Последици од рускиот напад врз Днипро, 19 април 2024 година
Последици од рускиот напад врз Днипро, 19 април 2024 година

Најмалку осум лица загинаа, а 21 се повредени во голем руски ракетен напад врз областа Дњепропетровск во централна Украина, соопштија локалните власти во петокот наутро.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во нападот биле оштетени неколку ката од станбена зграда, како и железничката станица во главниот град на регионот Днепар.

„Русија мора да одговара за својот терор и секој проектил, секој Шахед мора да биде соборен. Светот може да го гарантира тоа, а нашите партнери ги имаат потребните капацитети“, рече Зеленски.

Државната украинска железничка компанија Укрзализница објави дека нападот на Русија бил намерно насочен кон нејзината инфраструктура во регионот, наведувајќи дека нејзините работници се повредени.

Компанијата ја затвори станицата во Днипро и ги пренасочи возовите што минуваат низ тој град.

Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко изјави дека најмалку осум лица загинале во нападот, две во Днепар и шест во областа Синелниковски во регионот, каде што биле оштетени десетици куќи.

Украинската армија соопшти дека уништила руски стратешки бомбардер Ту-22 по ракетни и беспилотни напади врз украинските градови.

„За прв пат, противвоздушните ракетни единици на Военото воздухопловство, во соработка со Одбранбените разузнавачки служби на Украина, го уништија стратешкиот бомбардер со долг дострел Ту-22М3, кој носи крстосувачки ракети Кх-22 што руските терористи ги користеа за напаѓајте мирни украински градови“, рече командантот Никола Олешчук на Телеграм.

Во Индија почнаа парламентарните избори кои ќе траат до 1 јуни

илустрација
илустрација

Во Индија денеска (19 април) почнаа парламентарните избори, каде право на глас имаат 968 милиони Индијци, што е повеќе од вкупното население на САД, Европската Унија и Русија заедно.

Изборите за 543 членови на Долниот дом на парламентот ќе се одржат во седум фази до 1 јуни на повеќе од еден милион избирачки места низ земјата. Гласачките ливчиња ќе се пребројуваат на 4 јуни, а резултатите ќе бидат објавени истиот ден.

Победата на премиерот Нарендра Моди на изборите изгледа речиси сигурна. Седумдесет и тригодишниот Моди е сè уште многу популарен по два мандати на власт, за време на кои Индија ја зголеми дипломатската моќ и економската положба.

Анкетата спроведена во 2023 година покажа дека Моди е прифатлив кандидат за речиси 80 отсто од Индијците. На изборите во 2014 и 2019 година, тој веќе и донесе две убедливи победи на хинду националистичката партија Бхаратија Џаната.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG