Достапни линкови

logo-print

Различни ставови за проширувањето на ЕУ


Паралелно со самитот на лидерите на Европската Унија, во Брисел синоќа се состанаа и министрите за надворешни работи на земјите членки, но наместо за проширувањето, разговараа за иднината на Унијата. Најавено е дека за можните идни граници на Унијата ќе се одржи неформален состанок во мај во Австрија, а се погласни се идејите на некои влијателни членки на Унијата, на Западен Балкан да му се понуди некакво привилегирано партнерство, а не полноправно членство.

Се очекуваше за време на работната вечера, шефовите на дипломатиите на Европската Унија да разговараат за проширувањето, но во последен момент темата беше сменета и се расправало за можностите за излез од кризата во Унијата поради неусвоениот Устав. Прашањето со европскиот Устав е тесно поврзано со натамошното проширување, бидејки, според спогодбата од Ница, Европската Унија е проектирана на најмногу 27 држави, колку ќе има по влегувањето на Бугарија и на Романија. Британскиот министер за надворешни работи Џек Строу изјавил дека Унијата не може да не прими некоја земја која ќе ги исполни сите критериуми, додека францускиот министер реплицирал дека за натамошно проширување се потребни и соодветни институции. Договорено е за ова прашање во мај во Австрија да се одржи неформален министерски состанок. Неколку влијателни земји членки на Европската Унија инсистираат и да се утврди до каде ќе се протегаат границите на Унијата. Холандија предложила документ во кој се наведува дека на државите од Западен Балкан треба да им се гарантира перспективата за членство, но дури тогаш кога ќе бидат целосно политички и економски подготвени и кога Европската Унија ќе има апсорпциона моќ. Во врска со натамошното проширување во оптек е и германскиот предлог, - на државите од Западен Балкан да им се понуди привилегирано партнерство или придружно членство, додека единствено Хрватска би ги продолжила преговорите за полноправно членство. Сличен став неодамна изнесоа и пратениците во Европскаиот Парламент. И премиерот на Лускембург Жан Клод Јункер изјави дека Хравтска треба да се издвои од Западниот Балкан. Од друга страна, словенечкиот министер за надворешни работи Димитриј Рупел изјави дека на државите од Западен Балкан треба да им се даде шанса за членство во Унијата, предупредувајки дека не треба да се играат игри со некакви понуди за придружување од втора класа за проблематичниот регион.
XS
SM
MD
LG