Достапни линкови

Не е можна промена на границите на Македонија


Промената на границите во регионот, како што посочи албанскиот министер за наворешни работи Бесник Мустафај, дека во случај на независно Косово Албанија повеќе нема да дава гаранции за албанскиот дел на Македонија не е можна, коментира стручната јавност во земјава:

„Границите се неприкосновени, меѓународното право ги гарантира нив. Целиот меѓународен поредок стои зад стабилноста на границите, а промена на границите е можна, при случај на распаѓање на одредена држава и создавање нови граници, како што беше случајот со СФРЈ. Постои една можност на доброволно, со волја на засегнатите страни, но не по основа на еднострана волја или примена на сила,“

изјави Владо Поповски поранешен министер за одбрана. Можноста за промена на границите категорично ја отфрла и меѓународната заедница:

„Нема можност ниту за поделба на Косово, ниту за промена на границите на некоја соседна држава,“

изјави Андреа Анџели од мисијата на ЕУ.

Европа и САД го промовираа принципот дека по распаѓањето на Југославија, границите на републиките треба да бидат идните меѓународни граници, вели професорот по меѓународни политички односи Денко Малевски:

„Сега сме соочени со една нова ситуација, тоа е дека една автономна покраина сега треба да се стекне со независност, што на некој начин е напуштање на првобитниот принцип којшто велеше дека републичките граници ќе бидат признати. Тоа се случи како последица на арогантната политика на Слободан Милошевиќ на Косово. Тука би требало да запре овој циклус на распаѓање, би требало да запре на границите на Косово, на Црна Гора, а не да продолжи да се врти и да ги фрагментира балканските општества и натаму.“
XS
SM
MD
LG