Достапни линкови

Целта на филмот не е обединување на Југославија, туку обединување на таленти


Филмот „Караула“ се снимаше лани, 48 дена на падините на Галичица. А, преку него се обединија поголемите продукции од земјите на екс Југославија. Режисерот Рајко Грлиќ вели дека филмот е приказна за различностите кои се присилени да бидат заедно.

„Тоа беше основна цел, приказната од нашата колективна меморија, да ја покажеме во тој простор каде таа сеуште постои. Сакав луѓето во филмот да си ги препознаат своите судбини. Сакав да ги засега тоа што го гледаат на екранот. А, не да гледаат пластичен производ, кој ќе се случи брзо, атрактивно и со многу ефекти, туку едноставно да комуницираат со нешто што им е важно. Таа игра што се викаше ЈНА, со своето клише го спојуваше различното и тоа во еден момент. Тоа е приказната на овој филм,“

вели режисетор Рајко Грлиќ.

Во актерската екипа е и Верица Недевска од Македонија, еве како таа го доживува ликот кој го игра на платното:

„Станува збор за осамена жена којашто се чувствува како странец дома, што е поголем апсурд отколку да бидеш странец во странство. Значи, станува збор за нејзината осаменост, потреба од внимание и љубов. Тоа е суштината на ликот.“

Сценариото е направено според современиот роман на новинарот Анте Томиќ. Режисерот Рајко Грлиќ вели дека долго траело пренесувањето на приказната од еден во друг медиум. Македонскиот продуцент Владимир Анастасов пак вели дека најтешката работа била во Македонија, бидејќи филмот е снимен само овде:

„Тука поминавме четири месеци. На терените низ Македонија. Сето тоа протече на најпрофесионален начин. Сите се презадоволни од тоа што понуди Македонија. Мислам дека треба да продолжиме да примаме вакви екипи.“
XS
SM
MD
LG