Достапни линкови

Ќе има ли големи коалиции по изборите?


Дали расцепканоста на политичката сцена може да донесе големи коалиции по примерот на Германија. Со формирањето нови политички партии и раслојувањето на дел од членството на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, според Тања Каракамишева од Правниот факултет во Скопје извесно е дека големите партии нема да може ноншалантно да добијат апсолутно мнозинство во парламентот и победа на парламентарните избори.

„Оние коишто се класични гласачи на СДСМ и ВМРО се поделени во два, па дури и три табори. Значи, ќе имаме проблем реално големите партии доста џентлменски се договорат, зашто големата бројка гласачи не стои повеќе зад нив, бројката што дава големо мнозинство во парламентот.“

Но Ѕвонимир Јанкуловски од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања не се согласува дека се работи за шах игра која однапред носи реми:

„Она што се заговара за голема коалиција, изненадува начинот на лиферување на таква идеја. Однапред ни се сугерира дека на следните избори во Република Македонија ќе нема победник и победа, како што тоа некој се обидува да го наметне. Сепак создавајќи конфузија кај гласачите, во смисла на нивна можност за слободно изразување.“

Тема што ја неметнуваат престојните избори, според Јанкуловски, многу повеќе е прашањето, дали новите партии реално носат можност од нов бран во политичкиот живот:

„Она што вистински би го посакувал на македонската политичка сцена е да верувам дека нешто се случува. Но, се работи за исти луѓе, произлезени од иста политичка и идеолошка матрица, практиката до сега не учи дека треба да бидеме внимателни, особено на она што се случува пред изборите.“

Друго прашање што се отвора со можноста за здружување на повеќе партии е тоа дали тоа ќе биде обичен збир на бројки или тие партии ќе излезат со заедничка предизборна платформа. Аналитичарот Назми Малиќи вели:

„Да следиме дали се оди со платформи на избори или со инает, ако така може да кажам. Ако платформите се јасни, тогаш и коалициите може да бидат појасни, затоа што ќе биде многу тешко една партија да добие повеќе гласови. Малите партии тешко ќе се пробиваат, посебно кај партиите на Албанците.“
XS
SM
MD
LG