Достапни линкови

Граѓаните стравуваат од поскапување


225 милиони евра и плус 96 милиони евра за инвестиции, со што мнозинскиот пакет акции од ЕСМ Дистрибуција и припаднаа на австриската фирма ЕВН, ова е крајниот епилог од неколку месечната најактуелна тема во јавноста приватизацијата на Електродистрибуција, што започна со објавувањето на тендерот на 9 декември. Изминатите беа месеци на жестоки реакции во јавноста и на опозицијата. Експертите сметаат дека постигнатата цена воопшто не е висока.

„Не мислам дека цената е превисока, уште повеќе ако се има предвид дека компанијата што се продава, дури со ваков неефикасен менџмент имаше добра стапка на профитаблност. Без разлика што имаше некои очекувања намерно толку ниско, за да испадне алиби и сега да бидеме задоволни,“

вели професорот од Факултетот на Југоисточна европа Абдулменаф Беџети. Наспроти мислењето на експертите, политичките партии и јавноста, Владата изрази задоволство од цената за проджбата на Електродистрибуцијата. Претходно за неа со многу помала сума во интервју за Радио Слободна Европа лицитираше министерот за финансии Никола Поповски.

„Мојата проценка беше дека вредноста ќе биде не помала од 80-90-100 милиони евра,“

изјави пред еден месец Поповски. За цело време опозицијата бараше одложување на приватизацијата до влегувањето на земјава во Европската Унија, или продажба на помал дел од акциите.

„Во секој случај не треба да се продадат 90 насто. Треба да се почне приватизација, но до 30 насто за да се види како влегувањето на странскиот капитал ќе влијае на компанијата,“

истакнува професорот од електротехничкиот факултет и член на ВМРО ДПМНЕ Атанаско Туневски.

Тендерската процедура за која владата изјавуваше дека ќе биде транспарентна, е засенета со необјавувањето на купопродажниот договор. ЕСМ Дистрибуција се продаде, но никој не им објаснува на оние најзасегнатите граѓаните, како ќе бидат заштитени:

„Не се заштитени граѓаните, заштитени се тие што ја продадоа и профит ќе земе Бучковски.“
„Не знам како ќе плаќаме струја. Што ќе правиме, тоа е многу тешко прашање.“
„И вака тешко ги плаќаме сметките, сега уште потешко ќе биде.“


изјавуваат граѓаните. Активен учесник во текот на целата процес беше граѓанското здружение Глас за светлина, оттаму најавуваат продолжување на протестите.
XS
SM
MD
LG