Достапни линкови

Тендерската комисија ги оценува понудите


Понудите на Чешката Чез, австриската ЕВН и италијанската ЕНЕЛ компанија кои влегоа во трката за купување на мнозинскиот пакет на акции на Електростопанство дистрибуција, денеска и официјално беа отворени во просториите на Владата.
Понуда не достави германската РВЕ компанија , една од заинтересираните купувачи на ЕСМ.

„Вчера до 16 часот беа пристигнати во Министерството за економија и со нотарска процедура беа запечатени, веднаш потоа беа пренесени во владата на Република Македонија и беа запечатени во посебен сеф – каса, а беше запечатена и просторијата во која беа внесени,“

потсети Никола Черепналковски, председател на тендерската комисија

Во присувство на претставниците на консултантската Мајнол банка, Европската банка за обнова и развој и членовите на тимовите на заинтересираните компании, претставниците на тендерската комисија, ги скршија пломбираните понуди. Пред да бидат отворени, забелешка имаше само претставникот на австриската ЕВН, кој укажа дека еден од шестте печати на нивната кутија бил одлепен, без да прецизира како и кога тоа се случило.

Иако беше најавено присувство на претставник на Анти-корупциската комисија, тоа не се случи. Комисијата беше единствена на која Владата и дозволи увид во купопродажниот договор, но таа одби да го стори тоа, бидејќи Владата ја обврзала да потпише договор за доверливост.

Министерот за економија Фатмир Бесими, неодамна изјави дека целиот процес на приватизација бил транспарентен и оти биле почитувани сите законски постапки и процедури.

„Нема никаков простор за манипулација, сите постапки, сите законски процедури се почитуваат, и единствено останува прашање дали нашите граѓани веруваат во нашииот систем и институции.“

По јавното отворање и регистрација на понудите на заинтересираните инвеститори, следуваше нивно оценување од страна на тендерската комисија. Официјалниот резултат се очекува да биде соопштен по завршувањето на вечерашната владина седница, кога ќе се знае кој ќе биде идниот сопственик на ЕСМ. Од министерството за економија не ја исклучуваат можноста да не биде прифатена ниту една од трите понуди.
XS
SM
MD
LG