Достапни линкови

Генералното Собрание на Обединетите Нации формира нов Совет за човекови права


Генералното Собрание на Обединетите Нации синоќа формира нов Совет за човекови права што ќе ја замени досегашната многу критикувана Комисија за човекови права. Станува збор за постојано меѓународно тело кое ќе ја надгледува состојбата во оваа сфера во сите земји членки на Светската Организација. Против формирањето на Советот беа четири земји, меѓу нив и Соединетите Држави.

Новиот Совет за човекови права ќе има четириесет и седум членки и ќе биде суксецор на Комисијата која имаше пеесет и три членки, меѓу другите и такви земји кои имаат лоши оценки во почитувањето на овие права како Судан, Куба и Зимбабве. Формирањето на новото тело го одобрија сто и седумдесет земји, четири беа против, а три воздржани. Против беа Соединетите Држави, Израел, Маршалските Острови и Палау, но не и американските сојузници во Европа и Канада. Соединетите Држави образложија дека се противат на новиот Совет бидејќи неговите правила не се доволно строги за да спречи некоја земја која ги нарушува човековите права да стане членка на ова тело.

„Немаме доволно доверба во овој текст за да можеме да кажеме дека Советот за човекови права ќе биде подобар од својот претходник.“

Изјави американскиот амбасадор во Обединетите Нации Џон Болтон, додавајќи дека тоа не значи оти Соединетите Држави нема да соработуваат со другите земји членки со цел ова тело да стане посилно и поефикасно. Претседавачот на Генералното собрание Јан Елијасон кој во изминативе месеци го подготвуваше создавањето на советот изјави дека основачкиот текст е резултат на компромис. И други земји членки на Обединетите Нации ја делат загриженоста на Вашингтон во врска со новиот Совет, но тие како што велат, гласале за него поради страхувањето дека во спротивно дополнително ќе се наруши сликата на Обединетите Нации кои се наоѓаат во тешка ситуација по скандалите со корупција и сексуални злоставувања. Генералниот секретар Кофи Анан рече дека новиот Совет би требало да се востанови што е можно поскоро и оти сите недоречености околу него би можело потоа да се надминат со натамошни консултации.

„Мислам дека Соединетите Држави играат добра улога во чеовековите права. Сигурен сум дека нема да преземат ништо што би ја попречило работата на новиот совет. Ние ќе најдеме начин да постигнеме напредок.“

изјави Анан. Советот за човекови права ќе подготвува периодични извештаи за човековите права во сите земји членки на Обединетите Нации. Неговите препораки ќе бидат обврзувачки.
XS
SM
MD
LG