Достапни линкови

Агенти на ЦИА ме киднапираа од Македонија


Германскиот државјанин Калид ал Масри кој тврди дека агенти на ЦИА го киднапирале од Македонија на сведочењето пред привремениот Комитет на Европскиот Парламент изјави дека потоа бил пренесен во Авганистан каде што бил испитуван од германски агент. Масри ја обвинува ЦИА за погрешно апсење и за злоставување.

Пред привремениот комитет на Европскиот Парламент Калид ал Масри прецизирал дека германскиот агент кој неколку месеци го посетувал во тајниот американски затвор се идентификувал како Сем.,,Сем беше германец и во неговиот говор воопшто немаше странски акцент. Тој беше роден германец. Претпоставувам дека тој работел за германските власти, но не знам дали тој навистина работел за нив,, им изјавил ал Масри на членовите на Комитетот. Масри, како што јавуваат агенциите, дури по ослободувањето дознал дека станувало збор за извесен Герхард Леман. Ал Масри е роден во Кувајт, живеел во Либан по што се преселил во Германија каде што пред единаесет години добил германско државјанство. Според неговите наводи, американски агенти го уапсиле на триесет и први декември две илјади и третата година во Македонија, го однесле во Авганистан каде што бил злоставуван пред да биде вратен во Европа и ослободен во Албанија во мај следната година. Тој признал дека немал директен доказ оти бил во Авганистан. ,,Јас знаев дека бев во Кабул, бидејќи на ѕидовите пишуваше нешто за тој град на арапски,, изјави Масри. Потоа германските обвинители изјавија дека резултатите од анализата на косата на Масри биле откриени траги на хемиски елементи кои се вообичаени за Авганистан, што ја потврдиле неговата приказна дека тој бил во таа земја. На прашањето зошто заминал за Македонија која, како што било наведено, не била многу омилена дестинација за германските туристи ал Масри рекол: ,,Го одбрав тоа патување, бидејќи беше евтино. Македонија е на средината меѓу Запад и Исток и затоа помислив дека би требало да одам таму,,. Тој додал дека сакал неколку дена да биде сам поради проблемите во неговиот брак. Инаку, Комитетот на Европскиот парламент се очекува во идниот месец да објави привремен извештај за неговите сознанија околу наводите дека ЦИА имала тајни затвори во Европа. Комитетот најави дека ќе контактира со претставници на американската разузнавачка агенција и на Белата Куќа од кои ќе побара да сведочат околу ваквите обвинувања.
XS
SM
MD
LG