Достапни линкови

Погребот на Милошевиќ ќе биде во Белград


Правниот застапник на семејството Милошевиќ, Зденко Томановиќ на прес конференцијата во Хаг изјави дека денеска ја информирал српската влада оти погребот на починатиот поранешен претседател Слободан Милошевиќ ќе биде во Белград. ,,Тоа е по желба на неговото семејство, додаде Томановиќ. Тој најави и дека утре во Хаг ќе пристигнеле и неколкумина руски доктори од институтот Бакуљев кои ќе се обиделе да ги проверат резултатите од обдукцијата според кои, Милошевиќ починал од срцев удар. Портпаролот на Хашкиот трибунал Александра Миленов, соопштувајќи дека истрагата за смртта на Слободан Милошевиќ се уште не била завршена, изјави:

„Според патолозите, причина за смртта на Слободан Милошевиќ е инфаркт на миокардот. Патолозите утврдија дека Милошевиќ имал две срцеви заболувања кои објаснуваат зошто и дошло до срцевиот удар.“

Портпаролот Миланов не ја исклучи можноста дека смртта на Милошевиќ била предизвикана од труење. Имено, таа прецизира дека во тек била токсиколошка анализа на примероците земени за време на обдукцијата и оти подетални информации ќе бидат објавени што е можно побргу, односно за неколку дена. На обдукцијата присуствувале и српски експерти кои оценија дека таа била извршена многу професионално од страна на холандски патологисти. Адвокатот Томановиќ денеска потсети дека Милошевиќ неколкупати јавно се жалел на неговото нарушено здравје:

„Едно е прашањето дали обвинувањата на Милошевиќ дека бил труен биле оправдани или не. Друго е пак прашањето дали ние можеме да најдеме доказ за долгорочното и систематско нарушување на неговото здравје. Сепак, најважно е да се одговори дали Милошевиќ го добивал вистинскиот третман.“

рече Томановиќ. Инаку, српскиот претседател Борис Тадиќ изјави дека Милошевиќ, кој пред Хашкиот трибунал одговараше за воени злосторства и геноцид, нема да биде погребан со државни почести.
XS
SM
MD
LG