Достапни линкови

Одложен увидот во купопродажниот договор за мнозинскиот пакет на акции


Увидот во финалниот купопродажен договор за мнозинскиот пакет на акции на Електростопанство на Македонија кој требаше да почне денеска, е одложен, информираат од министерството за економија. Од таму соопштуваат дека причина за неговото одложување е договорот за доверливост кој Владата го потпишала со четирите потенцијални купувачи на ЕСМ дистрибуција.

„Денес повторно пратив писмо до компаниите, каде што побарав документот да може официјално да се изземе од карактер на доверливост со цел да се намалат, односно отстранат сите шпекулации дека во договорот се кријат одредени клаузули кои не би биле во корист на нашата држава,“

изјави Слаѓана Настева од ПРИСТОП, агенцијата задолжена за процесот на приватизација на ЕСМ.

Од министерството за економија велат дека се додека не добијат согласност од четирите компании, нема да има јавен увид во финалниот договор за продажба на електостопанство на Македонија.
Но и доколку се случи јавен увид во тој документ, тоа нема да значи транспарентност, туку начин на кокетирање на владата со луѓето, реагираат од здружението Гласот за светлината.

„Нашиот став е дека тоа е кокетирање на владата со граѓаните со цел да се каже дека процесот бил транспарентен,“

изјави Ромео Јосифовски од Гласот за светлината

Оттаму најавуваат пеколна недела, во која се очекуваат блокади пред Владата, пред ЕСМ дистрибуција и пред четири раскрсници во главниот град.

„И оваа недела продолжуваме со нашите активности се со цел владата да го повлече тендерот за продажба на ЕСМ дистрибуција.“

Во меѓувреме, тече процесот на доставување на понудите од заинтересираните инвеститори за купување на ЕСМ, што беше продолжен за две недели по првичниот термин . Ваквото решение беше донесено врз основа на барањето што го поднесоа четирите потенцијални купувачи: германската РВЕ Енерџи АГ, австриската ЕВН АГ, италијанската ЕНЕЛ и чешката ЧЕЗ.

„Причината за продолжување на рокот беше тоа што компаниите бараа увид во завршните сметки на ЕСМ, а бидејќи тоа малку доцнеше, владата реши да го продолжи рокот,“

изјави Настева од агенцијата ПРИСТОП.

Од здружението Гласот за светлината велат дека за нив продажбата на есм е неприфатливо решение и се закануваат со масовни протести кои најверојатно ќе продолжат и во текот на следната недела.
XS
SM
MD
LG