Достапни линкови

Мери Младеновска, министер за правда. Македонското судство е подготвено за случаите од Хаг


Госпоѓа Младеновска, реформите во судството постојано се потенцираат од страна на ЕУ и меѓународната заедница. До каде сме со реформите? Огромен број нерешени предмети, корупција, тоа е одлика на судството. Кога граѓаните ќе може да почувствуваат ефекти од реформите?

2005 година беше година на измена на законите, значи донесување на законите, а оваа 2006 година, освен тоа што ќе биде година на изготвување и донесување на нови закони е и година на имплементација на веќе донесените закони. Тука би го издвоила законот за парнична постапка, овој закон му овозможува на судијата да постапува во разумен закон, бидејќи нема законски лавиринти кои го оневозможуваат неговото брзо дејствување, а смалени се и манипулациите што може да ги злоупотребуваат странките во постапката. Ова ќе продолжи и во сферата на извршувањето, со имплементацијата на новиот закон за извршување од 1 јуни 2006 година. Извршувањето ќе покаже дека има позитивни резултати, во споредба со она старо извршување по стариот закон за извршна постапка што го имавме до сега.

Дали сето ова, според вас ќе придонесе за поквалитетно судство?

Секако, со новите закони на судсвото ќе му биде овозможено да постапува во поразумни рокови, но секако едукацијата на судиите е многу значаен процес и токму затоа една од нашите цели беше основање на академија на судии и се надеваме дека оваа едукација, која ќе биде и почетна и континуирана ќе овозможи да се зајакне квалитетот на судиите за да може да донесуваат поквалитетни одлуки кои ќе ги задоволат правата на граѓаните согласно законските процеси.

Актуелно е прашањето за изборниот законик?

Навистина е невозможно да се вградад во законот сите мислења на претставниците на политичките партии, бидејќи во тој случај законикот би бил неконсистентен. Кога станува збор за јавната администрација, и нивната улога во изборниот процес, Министерството за правда, дебатираше, разговаравме, морам да кажам дека преовладаа тенденциите што ги имавме, тоа е процесот за евро интеграција, новиот кандидатски статус, кој овозможува да следиме други – построги критериуми во споредба со важечките. Зајакнати се одредбите во однос на учеството на јавноста, почнувајќи од ДИК, што значи транспарентна работа.

Може ли усвојувањето на изборниот законик да го наметне терминот за одржување на изборите?

Не, овој изборен законик не се носи за овие избори. Се надевам дека ќе покаже со квалитетот дека и наредните години ќе опстои како законска регулатива. Законот оперира со општи формулации, кои ги има во секој изборен законик, а ги има и во постојните. Тоа се општи рокови, затоа што законот кога ќе стапи на сила мора да се применува. А, прашањето за изборите е прашање за кое идлучува парламентот.

Госпоѓа Младеновска да преминеме на случаите во Хаг, зошто на вашата последна средба со Карла Дел Понте договоривте враќање на четирите случаи кон крајот на годината? Што беше главната причина?

Сметам дека е важно тоа што на состанокот се договоривме за динамиката и за тоа што почнува процесот на предавање на предметите. Овој процес ќе почне кон крајот на годината, но претходно ќе имаат средби и консултации претставници на јавното обвинителство на Република Македонија и Хашкиот трибунал, за да може да разговараат за секој поединечен предмет. Сметам дека во јавноста премногу се манипулира со овие термини и рокови. Се работи за вообичаена процедура. Ќе споменам какви искуства има во другите земји од поранешна Југославија – значи во Босна, Хрватска во постапувањето при враќањето на предметите, роковите што им беа дадени и мислам дека ние со оваа динамика што е предвидена сме во оние земји каде што навистина динамиката е побрза во споредба со останатите.

Сметате дека македонското судство е подготвено?

Да, македонското судство може да работи и да расправа за вакви предмети, како што се предметите што хашкото обвинителство ги презема од Република Македонија.

Беа доставени гаранциите за двајцата македонски државјани во Хаг. Имаме ли втор пат адут за нивно бранење од слобода?

Одбраната на Бошковски и Тарчуловски ја определува својата стратегија на постапување пред Хашкиот суд. Улогата на владата е да го направи тоа што ќе се побара или од страна на одбраната или од страна на судот. Во случајов се работеше за барање за гаранции од Владата, доставена само од адвокатите на господинот Љубе Бошковски, во овој момент Тарчуловски нема доставено такво барање, ја предадовме гаранцијата на адвокатите и понатаму нивна обврска е кога и како ќе ја користат и кога ќе постапуваат. Должност на владата е да постапи кон формалните барања што се доставуваат навремено и да ги извести барателите за соодветната одлука. Ние имаме обврска за предметот да постапуваме и со одбраната и со обвинителството и нашата досегашна соработка и со едните и со другите покажа дека навистина на едно професионално ниво се одвива таа соработка.

Бегства, убиства, самоубиства, ова е сликата за КПД во Македонија. Сметате ли дека се потребни реформи во овие установи и како ќе се постигне тоа?

Јас не се согласувам со вас дека она што се случи во 2005 година отскокнува од претходните години. Тоа напротив го покажува нашиот транспарентен однос, дека тоа што се случува во КПД не го криеме, сами го презентираме во јавноста, затоа што се справуваме со тие предизвици и проблеми. Сметам дека направивме многу, барем тоа го кажуваат вработените, самите осуденици.

Добро, но и понатаму се негативни извештаите, да речеме на Хелсиншкиот Комитет?

Бројот на вкупни инциденти во 2005 година во КПД во Република Македонија е 50 насто помал од инцидентите во 2004 година. Нема да ги споменувам претходните години. Тоа покажува дека можеби бил помал интересот на јавноста претходните години, па не се следеле инцидентите. Еве, ќе го споменам затворот во Охрид, во кој од 1999 година до 2002 година имало 11 класични бегства за кои никој не слушна, а во последните години нема никакви инциденти. Значи, тоа се тие податоци кои ние ги имаме официјално, но затоа што самите сме транспарентни, во јавноста се добива погрешна слика. Нема да кажувам за двата покрупни инциденти кои се случија, а се поврзани и со други работи, а не само со Министерството за правда, но морам да истакнам дека инсистирањето на редот и дисциплината, на многумина им го одзеде комодитетот што го имаа, и тоа наше инсистирање за ред и дисциплина, придонесе да се направи притисок преку медиумите, односно тие што го загубија комодитетот да вршат притисок врз медиумите, а на тој начин да вршат притисок и врз јавноста. Нас тоа не не поколебува, да направиме нешто подобро и за КПД и за осудениците, за кои им е загарантиран процесот на ресоцијализација.
XS
SM
MD
LG