Достапни линкови

Македонската владата за сега без реакции


По последната изјава на Тед Фергусон, директор на проектот за нафтоводот АМБО дека истиот би можел да пропадне доколку албанската влада инсистира пренасочување на неговата крајна точка од Валона во друг град, македонското министерство за економија без реакции. Од таму велат дека не сакаат да коментираат што било поврзано со овој проект, чија изградба се очекува да почне напролет. Експертите потенцираат дека ако проектот се реализира, Македонија би добила многу.

„Не би требало да се очекува некој голем ефект за вработувања, иако и тоа ќе има, ама ќе биде од незначителен обем. Ама, битно е дека ќе има 30-40 милиони долари транзитна такса за државава. Тоа не е воопшто мал иднос,“

објаснува експертот Борис Рикаловски

Покрај геополитичките предности на поврзување на Македонија, Албанија и Бугарија со еден ваков објект, нафтоводот ќе ни донесе партнер како што се Соединетите држави, оти покрај европските земји, нафтата би била наменета и за други големи сили, објаснува Рикаловски.

И според Весна Борозан, професор на Електро-техничкиот факултет во Скопје, проектот АМБО и оди во прилог на земјава, особено од социо-економски и безбедносен аспект.

„Во смисла кога се изведуваат градежни работи има можност за ангажирање градежна сила, а исто така и од безбедносни причини. Тоа ќе биде странска инвестиција, а странските земји ги штитат инвестициите каде што ги направиле.“

Во изминатиот период, изградбата на нафтоводот стагнираше. Реакции предизвика и идејата на министерот за економија Фатмир Бесими за промена на трасата на нафтоводот, кој според Бесими треба да поминува низ Западна Македонија.

Ваквите најави Владата ги отфрли, соопштувајќи дека трасата на трансбалканскиот нафтовод е утврдена и таа нема да се менува. АМБО е дел од коридорот осум и се протега од бугарскиот град Бургас, до албанскиот град Валона преку Македонија.
XS
SM
MD
LG