Достапни линкови

Иран ја минал црвената граница и треба да биде казнет


Официјален Вашингтон изрази уверување дека Советот за безбедност на Обединетите Нации би требало да биде инволвиран во случајот со иранската нуклеарна програма. Според Стејт департментот Иран веќе ја минал црвената линија и затоа треба да биде казнет.

Иран го продолжува процесот за збогатување на ураниумот и покрај противењето на меѓународната заедница. Државниот потсекретар Николас Брнс изјави дека Иран ја минал меѓународната црвена граница и доколку не ги суспендира сите нуклеарни активности, тогаш би морало во решавањето на проблемот да се вклучи и Советот за безбедност на Обединетите Нации. Во меѓувреме и портпаролот на Белата Куќа Скот Мекклилан најави дека Соединетите Држави ќе разговараат со членките на Советот во врска со Иран.

„Режимот во Иран продолжува да дава провокативни изјави и да презема провокативни акции кои единствено можат да му донесат натамошна меѓународна изолација. Ние ќе разговараме со бордот на Меѓународната агенција за атомска енергија, како и со членките на Советот за безбедност за начинот како да го решима прашањето и да не дозволиме Иран да развие нуклеарно оружје под закрила на некаква цивилна програма.“

Изјави Мекклилан, оценувајќи дека тука пред се станува збор за тоа дали може да им се верува на властите во Техеран:

„Режимот во Иран покажа дека не може да му се верува. Веќе две децении тие ги кријат нивните активности од меѓународната заедница. Тие, исто така одбија да ги исполнат нивните меѓународни обврски и продолжуваат да се движат во погрешен правец.“

Наведе портпаролот на Белата Куќа Скот Мекклилан на прес конференцијата во Вашингтон. Како реакција на ваквиот став, главниот ирански преговарач за нуклераната програма Али Лариџани денеска оцени дека американската влада покренала психолошка војна со цел Иран да се најде пред Советот за безбедност што може да доведе до економски санкции или пак воена интервенција против Иран. Во таков случај, како што вели Лариџани, Соединетите Држави ризикуваат да паднат во иста замка како и во Ирак. Претходно, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеи изјави дека се уште постои надеж дека би можело да се постигне договор со кој ќе се надмине сегашниот ќорсокак. Тој ова го рече на вчерашното отворање на состанокот на бордот на гувернерите на оваа агенција на која се разговара за тоа дали Иран треба да одговара пред Советот за безбедност на Обединетите Нации.
XS
SM
MD
LG