Достапни линкови

Престари за работа, премлади за пензија


Над 25 години работен стаж, на работ на егзистенцијата без никакви примања, повеќе од пет години пријавени во Заводот за вработување, од каде единствената привилегија која ја користат се здравствените картони. Ова е судбината на околу шест илјади стечајни работници од државава, кои изморени од неколку годишната агонија преку протести кои изминативе денови ги одржуваат пред општинските седишта во повеќе градови ширум земјава се обидуваат да ,,допрат“ до Владата, од која бараат да биде регулиран нивниот статус до исполнувањето на условите за пензија или повторно вработување:

„Барањата се доставени до Владата на 23 декември 2005 година и тоа првото барање е сите луѓе со над 25 години работен стаж да бидат згрижени. Второто барање ни е на оние луѓе што им недостасува стаж да им биде подмирен и третото барање е исплата на паричен надоместок од 6 илјади денари.“

Вели претседателот на здружението на стечајни работници Стојан Стојанов од Штип. За агонијата во која се наоѓаат и за оправданоста на нивните барања својата приказна ја раскажува Перо Ристевски претставник на Здружението на стечајци од Тетово. Тој има 29 години работен стаж, со ликвидацијата на Југохром останав на улица, раскажува тој:

„Сите во семејството сме невработени, единствено од Заводот за вработување ги користиме картоните за лечење, четири члено семејство немаме никакви примања, а јас имам 51 години и работев 29 години во Југохром. Тоа е нерешливо прашање, незнам што ќе биде.“

За оваа група на луѓе од Министерството за труд и социјала велат дека постои простор за решавање на нивниот статус, но оттаму изјавуваат дека нова средба нема да има се додека и лица од поранешни успешни фирми кои земале отпремнина при заминувањето, се наоѓаат на списокот на стечајци кои им е доставен од Здружението на стечајните работници:

„Од тие причини Министерството по проверката на овие списоци, повторно ги враќа списоците и ќе бара да се состави пречистен список и комплетен список.“

Изјавува Македонка Честојнова портпарол на Министерството за труд и социјала. Стечајните работници најавуваат дека ќе продолжат со протестите. Планираат блокирање на магистралните патиша, а крајна дестинација доколку не се одговори на нивните барања ќе бидат протестите пред Владата.
XS
SM
MD
LG