Достапни линкови

Џилиeн Милованович, амбасадор на САД во Македонија. Демаркацијата на македонската граница со Косово треба да се реши за време на преговорите за статусот


На прашањето како ги гледа различните интереси на партите во однос на државните интереси, и во тој контекст кои интереси ќе преовладаат при парламентарните избори, амбасадорката на САД во Република Македонија, Џилиен Милованович, во интервјуто за Радио Слободна Европа, одговара:

„Во основа мислам дека во идеални услови, а сакам да верувам дека ќе има идеални услови интересите на партите треба да бидат и државни интереси. Разбирливо е тоа што партите сакаат силно да се борат за своите политички платформи. Но јас се надевам дека планот на сите партии ќе биде да се претстави нивната програма и да им објаснат на гласачите како ќе ја остварат таа програма. И ако го прифатат тој начин на пристап, дефинитивно тоа ќе биде во интерес на Македонија. Овие избори се важни заради евроатланските интеграции и мораат да бидат фер до крај, не само на денот на изборите, туку и за време на кампањата.“

На прашањето која е позицијата на САД во врска со времето на демаркација на краницата меѓу Македонија и Косово, Амбасадорката Милованович вели:

„Нашата позиција е дека демаркацијата на границата е нешто што е врзано со преговорите за конечниот статус на Косово. А каде во тие преговори ќе најде место зависи од динамиката на преговорите, но нашиот став е дека демаркацијата на границата треба да се реши за време на преговорите.“

Амбасадорката на САД одговара на прашањето дали во Македонија има радикални сили кои би можеле да влијаат врз општата безбедносна состојба:

„Колку што ние сме знаеме, не. Очигледно, секогаш постои загриженост дека може да се развие некоја етничка тензија, но не во смисла на дестабилизација и ние не знаеме за некоја особена закана во регионов. Во Македонија политичките партии се во договор дека сакаат да изградат единствена Македонија така што сите граѓани ќе бидат дел од таа земја и сакаат да изградат евроатланска иднина. Но, изборите можат да станат возбудливи и луѓето можат да се возбудат за време на кампањата.“

Оваа година НАТО ќе одржи самит во Рига. Радио Слободна Европа ја прашува амбасадорката Милованович дали е оптимист дека Македонија ќе добие покана за членство во Алијансата.

„Ние не сметаме дека проширувањето на НАТО е завршено, напротив сметаме дека ќе продолжи. Албанија, Хрватска и Македонија треба на најдобар начин да се подготвуваат за добивање покани. Ние рековме дека самитот во Рига нема да биде самит на кој ќе се постави прашањето за проширување на Алијансата, од друга страна ние веруваме дека до 2008 година, сите земји-аспиранти за влез во НАТО, а тука се вклучува и Македонија, ќе го имаат постигнато високиот степен на завршена работа, така што ќе бидат во добра позиција ако НАТО членките, одлучат да дадат покана за влез во Алијансата.“

На Амбасадорката на САД, и беше поставено и прашањето за спорот меѓу Грција И Македонија во врска со името, од аспект на тоа која земја треба да направи нешто повеќе за да се надмине проблемот.

„Соединетите Американски Држави ќе продолжат да го поддржуваат процесот на Обединетите Нации. Јас, а и мојата Влада се надеваме дека двете страни и Грција и Македонија ќе ги продолжат преговорите во рамките на Обединетите нации и активно ќе бараат решение за овој проблем, што може да биде само придобивка за двете земји. Јас мислам дека е важно да се одржува динамика, да теже процесот, да се прават позитивни чекори. Дали ќе заврши оваа година, или некоја друга година, ќе видиме. Но, ако луѓето се посветат на тоа и сакаат да постигнат нешто позитивно, тоа може да се направи. Јас при тоа не целам кон определен временски рок.“

За реформите во судството Џилиен Милованович со став:

„Голем број на закони веќе се донесени, а дури поголем е бројот на законите кои се во подготовка, значИ во таа насока има позитивна динамика. Но, сепак, останува фактот дека во овој момент судството не функционира доволно добро. И има вистински проблем во координацијата меѓу полицијата, обвинителството и судот. За тоа е потребно повеќе време, и бара континуирано да се работи. Во суштина јас сум задоволна од напредокот на судските реформи од аспект на донесените закони, но треба многу да се работи за имплементирање на тие закони. И сето тоа е многу значајно како за НАТО, така и за Европската Унија.“

За тоа колку Македонците со голем капитал инвестираат во својата земја, Милованович вели:

@Немам бројки за тоа, но мислам дека Македонците кои се во можност да инвестираат, честопати ги имаат истите проблеми, што би ги имале и странците кои би сакале да инвестираат овде. Освен едношалтерскиот систем кој е многу позитивен чекор, се уште има многу бирократски ограничување, многу тешкотии кои ги обесхрабруваат луѓето, sопственоста на земјиштето, на имотот или на објектот, или пак други проблеми врзани за законот за работни односи се пречка за луѓето. Тоа можат да бида реални, но i психолошки пречки. Мислам дека реформите во оваа област и како i обврската да се даваат информации ќе бидат многу корисни.

Слобода на медиумите во Македонија. Џилиен Милованович оценува:

„Колку што ние знаеме и сме во можност да набљудуваме, медиумите во суштина се ослободени од влијание на власта врз нив. Всушност, јас сум многу позитивно изненадена од видот и бројот на медиуми во земјава. И ако се навратиме на изборниот процес, тие ќе треба да ја информираат публиката, да обезбедуваат точни информации и објективен став за кандидатите и нивните предлози.“

Според некои информации, буџетот на САД за финансиска помош на Балканот е скратен за околу сто милиони долари. Амбасадорката на САД појаснува:

„Има некои скратувања во финансирањето од страна на американската влада, не само за Балкнот, туку воопшто. За жал, тоа е резултат на ужасот што се случи со ураганот Катрина и некои други ситуации од слична природа кои многу лошо се одразија на САД. Во текот на минатите десет години Македонија прими повеќе од 500 милиони долари. Годинава се договорени 50 милиони долари, што значи не е многу сменето. Нема намалување на интересот за овој регион, всушност тој е зголемен. Имаме голема желба да се средат работите овде. Годинава да го видиме крајот на преговорите за Косово и други подобрувања во овој регион, за да може да оди напред – кон подобро.“
XS
SM
MD
LG