Достапни линкови

Прв заразен цицач со птичји грип во Европа


Испитувањето на мачката која деновиве беше пронајдена мртва во северна Германија покажа дека таа била заразена со смртоносниот вирус Ха пет Ен еден. Станува збор за прв откриен случај на цицач заразен со птичји грип во Европа. Претходно, такви случаи биле откривани во Азија.

Светската здравствена организација вели дека е невозможно со сигурност да се знае дали здравјето на луѓето може да биде загрозено од мачки кои се заразени од птичји грип. Според портпаролот Дик Томсон, досега не бил забележан таков случај иако вирусот Ха пет Ен еден бил смртоносен и за многу азиски мачки и тигри. До оваа негова изјава дојде откако на островот Реген во Северна Германија била откриена мртва мачка која била заразена со овој вирус. Германските власти соопштија дека мачката по се изгледа изела некоја дива патка која била носител на птичјиот грип. Експертите велат дека овој случај не значи дека се зголемува ризикот по луѓето.

„На Тајланд беше прикажано како големи мачки, тигри и леопарди биле хранети со инфицирано пилешко по што тие заболеле со птичји грип кој потоа се ширел меѓу тој вид животни. Ние имаме спроведено експерименти и со домашни мачки при што е утврдено дека вирусот може да се пренесува од мачка на мачка.“

Вели Алберт Остерхаус, експерт за заразни болести од Холандија, кој на прашањето дали вирусот може да се пренесе од мачка на човек одговора:

„Теоретски тоа би било можно и покрај тоа што вирусот не се пренесува масовно преку мачките. Сепак, ако се наоѓате во близина на подрачје со инфицирани диви или домашни птици, најдобро би било мачките да не ги пуштате надвор.“

Заразената германска мачка, според Алехандро Тирман од Светската ветеринарна организација, не е знак дека птичјиот грип достигнал нова фаза:

„Знаеме дека цицачите како свињите, мачките и луѓето се подложни на птичјиот грип. Но, тоа е многу ретко. Досега се уништени над сто и четириесет милиони птици, а евидентирани се сто и шеесет случаи на заразени луѓе. Значи, фокусот треба да биде ставен врз зазиштата на домашните птици.“

Додава Алехандро Тирман од Светската ветернарна организација.
XS
SM
MD
LG