Достапни линкови

Поволно влијание за економскиот развој


Немањето на готовина за покрупни потреби, што пак предизвика зголемен интерес за подигнување на кредити, е една од причините за намалување на каматните стапки во повеќе банки во земјава. Во една од нив не информираа дека паралелно со намалувањето на каматните стапки за околу четири процентни поени се воведени и нови потрошувачки кредити, со кои на граѓаните им се овозможува поголем пристап до финансиски средства:

„Намалени се каматните стапки кај потрошувачките кредити со рок на отплата 24 месеци, кои сега изнесуваат 12,9 насто. За кредитите до 36 месеци каматната стапка е 13,7 насто. Потрошувачките наменски кредити сега имаат камати 12 насто годишно. Хипотеките се намалија од десет на девет насто. Стапката зависи од типот на обезбедуавње. Исто и кредитите за набавка на автомобили сега се со камата од 11,5 до 12 насто,“

објаснува Светлана Ристеска од една банка

Намалувањето на каматите е резултат на пазарните влијанија, како и на падот на цените на благајничките и државните записи, анализираат банкарите.
Според Марјан Николов од центарот за економски анализи, ваквиот потег на банките е позитивен зашто обезбедува економска активност во наредниот период.

„Од аспект на побарувачката веќе главните домаќинства за свежи пари секако дека ова поволно ќе влијае на нив за да се зголеми нивната производна активност и тоа ќе влијае за зголемување на производството и БДП,“

изјави Николов

Од банките информираат дека по намалувањето на каматите, интересот за кредити е зголемен, а условите за нивно подигнување зависи од видот на побарувачкиот кредит. За граѓаните пак, кредитите се поволни само за луѓето кои имаат редовни и пристојни месечни примања.

„Со просечни примања под 15 илјади, со трошоците кои што се, мислам дека невозможно.“
„Само за тие што работат се.“


Економистите заклучуваат дека една од причините за намалената економска активност и анемичниот економски раст во изминатиот период биле превисоките каматни стапки.
XS
SM
MD
LG