Достапни линкови

Она што не може државата, ќе го плаќаат пациентите


По повеќе годишни реформи во здравствениот сектор, конечно оваа дејност ќе биде регулирана преку донесувањето на Национална стратегија за развој на здравството во државава. Едни од главните реформи што се предвидени во стратегијата, а кои и предизвикаа најголеми реакции во лекарската фела, е ограничувањето на пакетот здравствени услуги според кои она што нема да може да го плати државата, пациентите ќе треба да го плаќаат сами, како и воведувањето на семеен лекар, како замена за сегашниот матичен доктор. И Лекарската комора на Македонија не се согласува со овие одредби во Националната стратегија, вели претседателот на Комората Алексеј Дума, кој додава дека се обидуваат да влијаат на нејзина промена:

„Националната стратегија не смее да биде предмет на било какви политички подкусурувања. Не се согласуваме педијатрите и гинеколозите да бидат исклучени од примарната здравствена заштита, затоа што тоа е повисоко ниво на здравствена заштита отколку што тоа може да го понуди семејниот лекар. Што се однесува за пакетот услуги, односно цените, сметаме дека тоа треба да биде решено како во развиените земји, тоа се трилатерални комисии кои претходната година го договараат пакетот здравствени услуги.“

вели д-р Дума. Оние вклучените во примарната здравствена заштита сметаат дека воведувањето на семејниот лекар, најмногу ќе се одрази врз здравјето на децата, бидејќи се доведува под прашање функционирањето на педијатријата:

„Фамилијарниот лекар треба да води сметка и за вакцинацијата на децата, тогаш би било проблем во смисла, во смисла дали тие редовно се вакцинираат, чувањето на вакцините.“

потенцира Сања Николова доктор по општа медицина, но таа додава дека доколку бидат одвоени повеќе средства за лекарите и за опремување на ординациите семејната медицина би можела да се покаже како успешна:

„Потребно е поголемо доусовршување на лекарите, значи поголемиот дел од сите проблематики на пациентите да се завршуваат во амбулантата по општа медицина, но тоа бара и повеќе финансиски средства за да се доопремат ординациите.“

Пациентите, оние најзасегнатите велат дека веќе се изморени од повеќе годишните реформи во здравството, а резултатите потенцираат тие никако да се видат.

„И со семејниот лекар ќе биде исто, ако ти е пријател ќе те прегледа убаво, ако не само површински.“

„Си имам свој матичен лекар и задоволна сум.“

„Мислам дека преголем акцент се става на приватизацијата на здравството.“


изјавуваат граѓаните.
XS
SM
MD
LG