Достапни линкови

Целта е поддршка за изолацијата на Хамас и иранското раководство


Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс е на блиско-источна турнеја со цел да обезбеди подршка за ставот на Вашингтон дека треба да се изолираат Хамас и Иранското раководство. Дестинации се традиционалните американски сојузници Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Соединетите Држави го сметаат Хамас за терористичка организација и според американските закони, Вашингтон не смее да финансира такви групи. Претседателот Буш веќе објави дека Соединетите Држави нема да соработуваат со Хамас се додека тој не се разоружа и не го признае Израел. Овој став во Каиро, на египетското раковоство им го пренесе американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.

„Не можете со една нога да сте во кампот на теророт, а со друга во кампот на политиката. Хамас мора да се откаже од насилствата и да ги прифати обврските што ги презедоа палестинците во изминатата декада во интерес на мирот.“

Египетскиот министер за надворешни работи Ахмед Абдул Геит, оцени дека на Хамас треба да му се даде време и оти е прерано за укинување на меѓународната помош за палестинците. Според аналитичарите, владите во Египет и во другите арапски земји од една страна, како и Вашингтон, страхуваат од порастот на популарноста на исламистичките движења, а од друга страна, чувствуваат и потреба за дистанцирање од американската политика за да не ги поттикнат уште повеќе таквите движења. Јоши Мекелберг, екперт за Блискиот Исток, смета дека Соединетите Држави сега имаат голем проблем при бранењето на демократијата во регионот.

„Со оваа пат ситуација не се соочуваат само арапските влади, туку и Западот, бидејки инсистира на демократија, а тоа значи слободни избори. Сега кога ги видоа резултатите на палестинските територии не им се допаѓаат.“

Затоа, според Мекелберг, треба да се бараат корените на фундаментализмот, а тие се во неспособноста на владите да го подобрат животниот стандард на луѓето во регионот. Дополнителен проблем е и Иран, не само во врска со нуклеарната програма, туку и поради подршката на Хамас. Имено, еден од лидерите на Хамас, Калед Мешал беше во посета на Техеран, каде што му беше ветена и финансиска подршка. Затоа една од задачите на Кондолиза Рајс е и да ја добие подршката од арапските земји за позицијата на Вашингтон и на Брисел во врска со иранското раковдство за кое сметаат дека е закана за регионалната и светската безбедност.
XS
SM
MD
LG