Достапни линкови

Најпрвин структурни реформи па евро за позитивни ефекти


Ефектите од евентуалниот влез на Македонија во еврозоната, би биле повеќе позитивни, отколку негативни, но размислувањата за постепено заменување на денарот со еврото како валута во земјава, во моментов не се приоритет, многу поважно е државата пред се да ги заврши структурните реформи, коментираат домашните економски експерти. Професорот по применета економија Ванчо Узунов за тоа што би значело заменувањето на денарот со евро, вели:

„Во моментов може да биде корисно за целата економија на Македонија, бидејќи ќе се добие валута која што е општо прифатена во Европа, ќе има точен репер за европските цени, како и точен репер за домашните цени споредени со светските, но од друга страна секогаш ќе го чуете оној аргумент дека напуштањето на сопствената валута, значи напуштање на самостојното водење на монетарната политика, што е еден од инструментите што можат во даден момент да имаат позитивно влијание. Но, сепак моментално во Македонија тоа во моментов не е најбитната реформа, ние сега треба многу повеќе да се зафатиме со водењето на структурните реформи. Макроекономската политика е добра, но проблем се структурните реформи и на тоа треба да се работи, а не да се исцрпува енергијата со некои други прашања како што е еврото.“

Потенцира Узунов. За влез во евро зоната државава треба да исполни неколку критериуми. Економскиот експерт од Центарот за економски анализи Борко Ханџиски за тоа дали држава ги исполнува предусловите за прифаќање на евро валутата објаснува:

„Моментално Македонија не би имала поголеми потешкотии да ги исполни критериумите од Мастрихт, затоа што има релативно добара макроекономска положба, односно ниска инфлација, низок долг, потоа буџетскиот дефицит е релативно низок, односно дури и нема дефицит во последниве години, така да можеме да кажеме дека нема да има некои поголеми проблеми во исполнувањето на овие критериуми, како што имаат на пример некои од новите земји членки на ЕУ. Единствениот проблем би бил со високите каматни стапки, но како што ќе пристапува Македонија кон еврозоната, така тие би се вооедначувале со оние на ЕУ.“

Но, сепак според економските експерти државава не треба да ги следи примерите од регионот што го имаат воведено еврото, како Косово и Црна Гора кои еднострано, без дозвола од Европската Централна Банка, ја воведоа оваа валута, според нив Македонија прклучувањето кон еврозоната треба да го направи дури откако откако земјата би станала членка на Европската Унија.
XS
SM
MD
LG