Достапни линкови

Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Не е време за продажба на ЕСМ и во оваа владина активност има коруптивни елементи


2006 е година на избори, без разлика дали ќе бидат во јуни, јули или некој друг датум. Според последното истражување на ИРИ, партија со највисок рејтинг во Република Македонија е ВМРО-ДПМНЕ...

Што се однесува до анкетите, јас отсекогаш сум верувал на анкетите, освен преседанот што беше направен во јануари, од страна на господинот Кимов, и мислам дека носи многу повеќе штета отколку корист на самата агенција. Таа агенција сега го загуби кредибилитетот, така што оттогаш наваму никој не може да и верува на таа агенција, вклучително и јас.

Добро, постоеја објаснувања дека тогаш тоа е поврзано со добивањето статус кандидат, по еден месец луѓето веќе забораваат.

Ние имавме направено анкета во истиот период, безмалку во истите денови и таа анкета покажуваше дека нема скоро никакво влијание статусот кандидат врз граѓаните и оттука се базираше нашиот револт кога видовме дека некој прави фалсификат анкети. Мислам дека не добија многу, самите СДСМ, самата агенција на долг рок загуби доста.

Зошто луѓето да гласаат за вас? Што Никола Груевски може да понуди на економско социјален план?

Генерално тоа што ние ќе го понудиме, ќе го дадеме во нашата програма, којашто е готова. Направени се многу детали, во однос на економијата, образованието, информатиката, земјоделието. Секако дека ние ќе понудиме една кредибилна и сериозна програма. Тоа што сме биле на власт може да е само предност. Секој може да го мери работењето на Никола Груевски и да оцени дали тоа има кредибилитет или не. Во времето кога Никола Груевски беше министер за финансии, невработеноста, според податовите на Заводот за статистика, а прифатени од ММФ, прифатено од СБ, ЕБРД паѓаше и во четирите години кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт имаме намалување на невработеноста за четири процентни поени. Во истиот период, имавме позначајни износни инвестиции од сега и со други зборови имавме многу повеќе и поинтензивни реформи. Значи, станува збор за два периоди коишто имаа свои негативни и позитивни страни, но бидејќи сега Никола Груевски е претседател на ВМРО-ДПМНЕ, нормално дека ќе се гледа работењето на Министерството за финансии, на министерството за развој, кога господинот Трајко Слевевски беше министер и на луѓето коишто сега се актуелно раководство во ВМРО-ДПМНЕ.

Постои ли реално проблем во формирањето на идните коалиции. Вашиот традиционален партнер ДПА не освои доволен пратенички места во идниот парламент и не е легитимен претставник на Албанците. Би коалицирале ли тогаш со ДУИ?

Знаете што, ова е хипотетичко прашање. Што би било кога би било. Најдобро е да се почекаат изборите, да се видат резултатите и да се направи анализа како стојат работите. Во секој случај независно дали е со албанска, турска, ромска партија, ВМРО-ДПМНЕ кога коалицира има одреден принцип, а тоа програмата и платформата да биде усогласена. Така што, тоа ќе биде основата, за коалиција со било која партија. Клучното на што сега работиме е да бидеме релаксирани од тие коалиции, да освоиме најмалку 61 пратеник како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија и да влеземе многу порелаксирани во пост изборниот период. Мислам дека имаме добри шанси за тоа.

61 пратеник е исто така хипотетички. Но, дали со ова што го кажавте претходно оставате отворен простор за соработка со ДУИ?

Ние оставме отворен простор за соработка со партии коишто ќе бидат на линија на нашата платформа и визија за Македонија. И веруваме дека граѓаните ќе бидат доволно концентрирани кон онаа партија што ќе биде носечкиот столб и ќе ја дадат поддршката на партијата којашто ќе победи, а не да ја даваат поддршката на било која партија која можеби нема да освои цензус. Затоа важно е граѓаните да го дадат гласот за партијата што ќе ги направи крупните промени, за ВМРО-ДПМНЕ.

Кампањата е очигледно почната. Некако впечаток е дека главно ќе биде оцрнување на противникот. Се почна со портпаролите кој колку станови зел во претходната, а кој колку во оваа, партиските портпароли, до каде ќе оди работата?

Тоа е работа што ја форсира СДСМ во последните месеци. Сме имале и ние такви излети во минатото, но во последно време, ние само одговараме на нивните напади. Инаку, СДСМ е во ситуација, сега кога се обидува да излезе од кризата во којашто се наоѓа, со излегувањето на Тито Петковски и формирањето на нова партија, знаете дека Тито Петковски им повлече значаен дел од партиското дело во многу места, дури и по 50-60 насто од членството. Вознемирени од тоа тие прават влакани напади врз ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека немајќи друга визија, немајќи што да понудат во оваа изборна година, практично до крајот на овој предизборен период ќе ја водат оваа игра. Нам не ни останува ништо друго освен понекогаш да одговориме на тие напади и да се подготвиме со нашата економска програма да настапиме следната пролет и да ја објасниме нашата визија за наредниот четири годишен период.

Како мислите да привлечете странски инвестиции?

Знаете што, кога си го поставувате ова прашање, треба да бидете свесни кои се најголемите проблеми и зошто сега ги нема странските инвестиции. А, тоа се, корупцијата, бавното судство, лошата бизнис клима и други бенефиции што треба тие да ги имаат за земјата да биде атрактивна. Во програмата се наведени група мерки со коишто практично се мерки во две групи. Една е за стимулирање на конкурентноста на домашните компании. И втора мерка за привлекување странски инвестиции, тргнувајќи од корупцијата, судството, дерегулација, одејќи кон намалување на даноците, и низа други мерки што треба да ја подобрат бизнис климата, но и да понудат екстра поволности за големите брендови што ќе треба да дојдат во Македонија, процесуирани во закон, за да нема простор владата или премиерот да му дава некому помалку или повеќе.

Зошто се противите на продажбата на ЕСМ кога и вие имавте намера во вашиот мандат да го продадете?

Не, ние имавме најмено само советник којшто требаше да даде само слика за таа приватизација, дали ќе биде добра или не. И тој процес почна во тој период. Оттогаш до сега поминаа повеќе од четири години и се виде дека е рано за таа работа. Второ, се поставува прашањето зошто се врши таа приватизација и најчестиот одговор од страна на власта е дека има ниска наплата на електричната енергија и имаме потреба од инвестиции, во самото ЕСМ и во државата. Да почнеме од првото, ако имаме проблем со ниска наплата, значи имаме со менаџмент во компанијата. Нов менаџмент може да се најде со отворање меѓународен тендер за менаџмент, којшто може да влезе како менаџмент или со докапитализација за мотивација за добро да работи.

Ќе ве прекинам, владата тврди дека тие пари ќе бидат употребени во развојни проекти.

Владата лаже. Затоа што потпишала аранжман со ММФ со којшто парите ќе одат во девизните резерви. Освен, ако не мисли да го измами ММФ и да го прекине аранжманот. Погледнете го аранжманот и јасно е напишано дека Владата се обврзува парите од продажбата на ЕСМ и други капитални продажби, така таму пишува, што ги планира, дека ќе одат во девизните резерви. Значи или не лаже нас или ММФ. Значи, ако одат парите во девизните резерви, нема пари за инвестиции. Инвестиции во ЕСМ може да се обезбедат многу лесно со задолжување на меѓународниот финансиски пазар. Затоа што ЕСМ е моќна и рентабилна компанија. Сега пред избори се брза по секоја цена да се продаде ЕСМ. Се кршат законите за јавни набавки, во којшто толку многу се скратени и излезено е надвор од тоа што е пропишано со законот и очигледно има други, коруптивни мотиви за продавање на ЕСМ.

Штрајкови, протести, дури министерот за финансии, минатата недела во истиот овој термин рече дека поради тие штрајкови паѓа цената на ЕСМ. Зошто од една страна СДСМ го обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад протестите, а од друга страна ВМРО-ДПМНЕ како да бега да се покаже дека стои зад нив?

Па, ние не можеме да знаеме кој стои, можеби стои СДСМ. Можеби сакаат да создаваат атмосфера во којашто ќе го донесат законот што го донесоа, во којашто ќе ја намалат цената на ЕСМ, на сметка на одредена провизија. Ние кога стоиме и правиме протести и демонстрации, ние тоа го правиме јавно. И ние ако го правиме тоа ќе има многу поголем проблем отколку сега.

Ги поддржувате ли протестите?

Генерално ги разбирам барањата на оние што протестираат, тие барања се блиски до размислувањата што ги имам. Има логика во тоа што го бараат – стопирање на приватизацијата.
XS
SM
MD
LG