Достапни линкови

Нема место за паника


Птичјиот грип се шири низ Европа. Во повеќе земји се откриени угинати лебеди кај кои било потврдено присуството на најопасниот вирус на овој грип, познат како Ха пет Ен еден. Европската Комисија вели дека нема место за паника и оти се преземаат сите мерки болеста да не се прошири и меѓу домашните птици.

Новото ширење на болеста се поврзува со почетокот на пролетната селидба на птиците. По зимата мината во потоплите краишта, птиците преселници веќе тргнаа кон своите родни живеалишта. Први се лебедите. Откривањето на птичјиот грип кај десетици угинати птици во повеќе европски земји придонесе за зголемување на страхувањето кај луѓето.

„Нема причина за паника, и секако, нема место за изненадување. Европската Унија ги презема неопходните мерки на предострожност со цел да се спречи ширењето на заразата.“

Изјави еврокомесарот за здравство Марко Кипријану, додавајќи дека не постои причина да не се консумира пилешкото месо. Според него, и натаму ќе има случаи на угинати диви птици, како што е сега со лебедите, но, како што додава, најбитно е да се заштитат фармите. Британскиот оринтолог Енди Масгроу не е целосно уверен дека главната опасност доаѓа со лебедите:

„Всушност нема докази дека птиците преселници го пренесуваат вирусот на голем далечини иако некои случаи, забележани во последниве денови упатуваат на таков заклучок. Станува збор само за еден вид лебеди. Тие се големи и кога ќе угинат полесно се забележуваат од например малите птици преселници кои можеби исто така во себе го имаат опасниот вирус.“

Вели Масгроу, кој се согласува дека најважна задача е да се намали можноста за контакти меѓу дивите и домашните птици.

„Советот е дека сите мерки би требало да бидат насочени кон заштитата на индусријата за пилешко месо. Ако вирусот се шири со посредство на птиците кои живеат во природата, треба да се воведат мерки за изолација на домашните птици. Од друга страна контролата на дивите птици практично е невозможна.“

Тоа, според Масгроу, само ќе доведе до бегање на птиците во подрачја каде што воопшто не живеат, со што би се зголемила опасноста од ширењето на птичјиот грип.
XS
SM
MD
LG