Достапни линкови

logo-print

Дали постојат правни или политички пречки?!


Активностите за испраќање владина делегација за враќање на четирите предмети од Хаг, предизвика спротивставени ставови што го отвори прашањето, дали процедурата пред македонските судови би наишла на правни или на политички пречки. Според Владо Поповски професор на Правниот факултет во Скопје, доколку Хаг ги врати предметите во Македонија дури и при евентуално постоење на документ потпишан од поранешниот претседател Борис Трајковски, со кој се гарантира досиеата да останат во Хаг, како што тврди претседателот на ДУИ Ахмети, правни пречки за процесуиарање не постојат, но останува отворено прашањето дали проблемот за враќање на случаите има политичка природа:

„Ако потпишал на пример, претседателот на Републиката таков документ, тоа значи дека во тој момент државното раководство се приклонило кон предноста на Хашкиот Трибунал. Тоа како што и Ахмети спомна, тој документ бил пред да се изгласа законаот за амнестија во Собранието. Меѓутоа и да постоел таков документ, тоа не ја елиминира надлежноста на органите на судството во Македонија, бидејќи таа надлежност е дадена со Устав и Закон.“

Ахмети, кој иако не кажа каде се наоѓа тој документ, тврди дека е потпишан во договор со НАТО и потсети дека случаите треба да се затворат, односно дека за нив може да биде надлежен само Хаг.
Мерсел Билјали, советник во кабинетот на премиерот Владо Бучковски кој во меѓувреме изјави дека не е информиран дека постои документ, прашан како и дали може да се процесуираат случаите во македонското судство вели:

„Јас сметам дека треба да се формира една екипа на добри правници кои би го проучиле законот за амнестија и би виделе дали има простор за такви постапки или нема место. Значи според мене треба прво правно да се расчисти тоа, за да се спуштат можните политички реперкусии.“

Сите четири предмети, беа делегирани во Основниот Суд 2 каде што постапките беа запрени по одлуката на обвинителството да ги предаде на Хаг во 2002 година. Она што се знае е дека делегацијата предводена од министерката за Правда Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, треба да договори кога и со која динамика ќе почне враќањето на предметите.
XS
SM
MD
LG