Достапни линкови

logo-print

Бараме константни средства од буџетот, а не 3 денари од кутија цигари, велат земјоделците


Сојузот на земјоделци не се согласува со одредбите во новиот предлог закон за тутун и тутунски производи што веќе е во собраниска процедура, а во кој една од главните одредби за решавање на повеќегодишните проблеми во оваа дејност кои годинава кулминираа и со повеќе неделни протести, е предвиденото решение од секоја кутија цигари да се одвојуваат по три денари за развој на тутунопроизводството. Бараме константни средства кои ќе бидат предвидени во буџетот, а не да не финасираат од несигурни извори кои ќе зависат од успешноста на продажбата, вели Вељо Тантаров претседател на Сојузот на земјоделци.

„Тоа не е решение, три денари да се одвојува од секоја кутија цигари, што ќе биде ако еден ден се намали пушењето на цигари, како што се намалува сега. Ние бараме да не не условуваат, ако се соберат пари да има за тутунарите, а ако не се соберат да биде по старо.“

Освен ова во новиот закон, според земјоделците треба да биде предвидена и висината на премијата во согласност со стандардите на Европската Унија:

„Таму премијата е од два до четири евра за еден килограм. Значи ние бараме со овој закон државата да гарантира дека за тутунот ќе има премија во износ од сега за сега едно евро, но тие средства да бидат обезбедени во буџетот.“

вели Тантаров.
Но, наспроти овие барања на тутунарите, во Министерството за земјоделство потенцираат дека предвидената одредба нуди конечно решавање на проблемите околу финансирањето на тутунопроизводителите. Соња Трајкова од министерството, објаснува на кој начин ќе се распределуваат средствата од продажбата на цигари:

„Тоа ќе биде директна финансиска подршка, а како ќе биде предвидено понатаму дали ќе се финансира семенски материјал, промоција или нешто друго, ќе се реши со подзаконски акти, односно со програмата за развој на тутунопроизводството.“

Во новиот закон освен одредбата за финансиска подршка на тутунопроизводителите, се предвидени и обврските кои тие во иднина ќе треба да ги исполнат, а кои главно се однесуваат на квалитетот на произведениот тутун.
XS
SM
MD
LG